Четири дена одлежал во штипскиот затвор за украдена една количка дрва. Ова е казната која ја добил Рушид од Берово, кој соочен со немаштијата и седумте гладни усти од неговите деца, се решил на ваков начин да го стопли семејството.
-Една количка дрва борови и ме фати еден господин ми пиша казна од 4 илјади денари и ме пратија на суд. За една недела бев на суд и им велам немам од кај да платам и ме пратија да одлежам и бев таму чистевме ниви и ако треба децата пак да ги стоплам пак истото ќе го направам – кажа Рушид Демировски.
-Тешко се живее, треба брашно, леб – вели Санела Демировска.
Соочени со безизлез, тие бараат каква и да е хуманитарна помош.
-Не треба пари, кондури, јакни што имаат да дадат за да носат овие деца – вели Рушид.
Од Центарот за социјални работи во Берово истакнаа дека бараат начини да му помагнат на ова семејството и да го вклучат во народната кујна. Но, во моментв во Берово народната кујна ја користи 31 семејство за кое се делат 77 оброци, додека семејството на Рушид и на уште две повеќедетни семејства, нема оброци. Најавата е дека во текот на овој месец ќе се бара и зголемување на оброците кои се делат во народната кујна со цел да се задоволат потребите на 110-те приматели на социјална помош. Додека државата бара начин да ги промени парадоксите во системот и бројноста на семејството да не биде пречка за добивање оброци, се чека реакцијата на хуманите за семејството Демировски.
Извор: Телевизија Стар