Украинските војници денеска соопштија дека повторно го освоиле селото Благодатне во Доњецката област во југоисточна Украина, кое било под окупација на руските сили.
Тоа е првата ослободена населба од почетокот на контраофанзивата оваа недела.
На видеото што го објави 68-та украинска бригада Јегер, може да се види дека војниците го подигнале украинското знаме на бомбардираната зграда, објави Ројтерс.
„Ги гледаме првите резултати од контраофанзивните дејствија“, рече Валери Шершен, портпарол на воениот сектор Таврија.
Шершен изјави дека селото се наоѓа на границата на регионите Доњецк и Запорожје, неколку километри јужно од селото Велика Новосилка, кое е под контрола на Киев. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека се одвиваат „контраофанзивни и одбранбени операции“.
Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека украинскиот воен притисок е во тек, но дека досега не успеал да ги пробие руските одбранбени линии и дека украинските сили претрпеле големи загуби.
Украинските власти наметнаа строг оперативен период на молк за контраофанзивата и ги повикаа Украинците да не откриваат информации кои би можеле да ја загрозат операцијата.