Меѓу Македонците во Грција: Не се даваме, по државност сме Грци но по националност сме Македонци

Во 2021 година се случија два тажни закопи во Овчарани. Починаа маж и жена, во своите 90 и кусур години возраст. Нивниот син Панајотис на надгробните споменици покрај грчкото им го запиша и македонското име и презиме. Сега покрај името на татко му Јоанис Анастасиадис стои и името Јане Ашлаков, а покрај името на мајка му Дона Анастасиадис стои и името Дренка (Донка) Ашлакова. На истите надгробни споменици се запишани и неговата баба и дедо, но само на македонски јазик, Блаже Ашлаков и Конда Ашлакова.

Палејќи им свеќи на своите мртви родители, Панајотис се приближи до споменикот на неговиот мртов татко и нешто тивко зборуваше. Решивме да не го прекинуваме во овој интимен момент со прашање што им рекол на покoјните родители, туку подоцна да си ја задоволиме љубопитноста.

Кога бев градоначалник на Овчарани, ми велеше: Дете, дали ќе успееме да го учиме македонскиот јазик во школо? Тешко ми е што ќе кажам дека не успеа (плаче), не дочека, почина лани на 93-годишна возраст, една година пред да го регистрираме Центарот за македонски јазик. Сега дојдов на гробот да му кажам: Татко, твоите внуци ќе учат македонски јазик, ни рече низ солзи малку подоцна.

Овој емотивен момент несомнено е предизвикан од судската регистрација на невладината организација “Центар за македонски јазик“ во Лерин. Голема победа на Македонците од северниот дел на Грција, која треба да се потврди и на 19 јануари и на 2 февруари оваа година, кога судот во Лерин ќе ги разгледува и ќе одлучува по пристигнатите приговори за одлуката.

Зошто да се срамиме за тоа што сме Македонци?

Малку подоцна Панајотис широко ни ги отвори вратите на неговиот беспрекорно уреден дом. Ние, нашата генерација, сме послободни и бараме тоа што ни го дава демократијата, тоа што Грција потпиша во Европа дека се за човекови права. Ако го немаа тоа потпишано, сега додека разговараме ќе имавме полиција овде. Откако го потпишаа договорот за човекови права, почнавме да се собираме, да се видиме кои сме и што сме. Зошто да се срамиме за тоа што сме? Оти во Грција сега младите знаат да речат “ах, тој го зборува оној јазик“. Но, јас сум горд што го зборувам мојот мајчин македонски јазик. Тоа е мое богатство, бидејќи знам и грчки јазик, значи два јазика, вели тој.

По краток муабет се упатуваме во дворот за да го продолжиме разговорот. Таму пристигнуваат неговите другари и пријатели, сопругата, снаата, но и еден австралиски зет по потекло од Италија кој по 50 години поминати на далечниот континент ја исполнил желбата на сопругата Македонка од Овчарани да го посети нејзиното родно место. Малата барака наеднаш ја исполнува симфонија од различни јазици. Македонски јазик на повеќе наречја, како и грчки, и англиски. Сите говорат во исто време.

Триумфализмот со кој беше дочекана позитивната одлука на судот, може да наштети на понатамошниот развој на настаните, вели претседателот на невладината организација “Центар за македонски јазик”, Георгиос Костидис (лево). Пензионираниот професор по физика Пеце Димчев (десно) вели дека цела Грција се дигнала против регистрацијата на невладината “Центар за македонски јазик“

Тука е и претседателот на невладината “Центар за македонски јазик“, Георгиос Костидис. Скромно нè замолува да го исклучиме снимањето бидејќи, вели, триумфализмот со кој беше дочекана позитивната одлука на судот може да наштети на понатамошниот развој на настаните. Кратко нè информираше дека има два приговори и дека дури и претседателката на Врховниот суд од Атина дала јавна изјава со која остро се спротивставила на регистрацијата на “Центарот за македонски јазик“.

Но, Панајотис е разговорлив. Како поранешен градоначалник на Овчарани и на 11 села кои гравитираат кон ова село, концизно ни дава географски и демографски опис. Во Овчарани 90 отсто од населението се Македонци. Во селото, вели, живее само еден Грк, другите 10 отсто се Турци.

Селото Овчарани или по грчки Мелити се наоѓа на Стара Река, 20 километри североисточно од градот Лерин.

Пред Овчарани, наминавме и во селото Екшису или Ксино Неро. Крај селската продавница стои Костадинос Папас. Вели дека од 1200 жители во селото останале само 600. Младите одамна се иселиле. Се упатуваме до кафулето „Миро“ каде седи мала група мештани кои го напуштија кафулето кога почнавме да се интересираме за живејачката во селото. Љубезен е само Киријакос, но вели дека е опасно Македонец да застане пред камера. Вели дека жителите претежно живеат од земјоделие. Има братучед во Скопје и често доаѓа.

Првото прашање кое си го поставувате кога ќе минувате низ леринскиот регион е – од што живеат луѓето овде. Нема фабрики, нема државни институции, само ситно претприемништво. Панајотис Анастасиадис има „ергела“ од багери и камиони за ископување и транспорт на земја – бизнис кој често го води кон Битола. Го затекнавме среде село. Во муабет со Тасопулос Костадинос на неговиот џиновски трактор, дојден од Забрдане или по грчки Лофи, по работа во Овчарани.

Трогателно е колку овие луѓе се трудат да го остават во живот нивниот мајчин јазик, македонскиот јазик. Од секое ќоше ги демне некој што невкусно ќе им прокоментира за „јазикот што го зборуваат“, но тие пркосат и „лафат“, „пулат“, мешаат битолско наречје, прилепско, па дури и струмичко. Како што ги учеле баба и дедо. Дури и сообраќајната полиција која нè сопре на патот од Лерин кон Екшису, најпрвин ни се обрати на грчки јазик.

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа