Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека четири сирупи за кашлица се поврзани со смртта на 66 деца во Гамбија. Во соопштението се наведува дека сирупите се „потенцијално поврзани со акутна бубрежна повреда и 66 смртни случаи кај децата“, објави Би-Би-Си.

Производите се произведени од индиската компанија Maiden Pharmaceuticals , која не дава гаранции за нивната безбедност, додаде СЗО.

БиБиСи ја контактираше компанијата за коментар. Индиските власти рекоа дека побарале од СЗО да сподели докази за поврзаноста помеѓу сирупите и смртните случаи.

СЗО идентификуваше четири производи во Гамбија, но „тие можеби се дистрибуирани преку неофицијални пазари во други земји или региони“, додаде организацијата во предупредувањето објавено на нејзината веб-страница.

Нивната употреба може да доведе до сериозни повреди или смрт , особено кај децата.

Интервенцијата на СЗО дојде откако медицинските власти во Гамбија открија зголемување на случаите на акутна бубрежна повреда кај деца под 5-годишна возраст кон крајот на јули. Владата на земјата оттогаш престана да ги користи сите парацетамолски сирупи и ги повика луѓето наместо тоа да користат таблети.