Речиси 100 отсто од гласачите на четирите референдуми во Доњецката и Луганската народна република и регионите Запорожје и Херсон поддржуваат приклучување кон Русија, објави Москва.

Првичните делумни резултати покажуваат дека над 96 отсто од жителите во регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон се за приклучување кон Русија, според руската државна новинска агенција РИА.
Ова го отвора патот за Владимир Путин да ги анектира четирите области, по што тој секој обид на Украина да ги врати ќе може да го прикаже како напад врз самата Русија.
Путин претходно овој месец предупреди дека е подготвен да користи нуклеарно оружје за да го одбрани „територијалниот интегритет“ на Русија доколку таа биде нападната од силите на Киев.
Западните влади нашироко ги осудија референдумите како лажни и рекоа дека нема да го признаат нивниот исход.