Границата меѓу Украина и Европската унија на Карпатите минува по реката Тиса. Од почетокот на руската инвазија, Украина е под воена состојба, според која мажите на возраст од 18 до 60 години не можат да ја напуштат земјата. Но, се повеќе Украинци ја преминуваат реката за да избегаат од повиците. Ова го велат локалните жители и романските граничари, пишува Дојче веле .

Украинската гранична полиција на својата веб-страница редовно известува за апсења на дезертери долж „зелената“ граница со Романија, но и заплени цигари, дрога и оружје при проверки.

Патиштата низ Карпатите ги претпочитаат оние кои сакаат да ја напуштат Украина, бидејќи областа долж границата е густо пошумена и затоа е тешко да се контролира. Но, реката Тиса мора да се помине – некои се удават, други успеваат да поминат од романска страна, но со сериозни повреди, велат мештаните и граничарите. 

30-годишниот Игор избра друг пат, изјави тој за германскиот медиум SWR. Човекот вели дека ги подмитил украинските граничари со 4.000 долари за да го пуштат преку граница. Игор, чие вистинско име е скриено од медиумите, денес живее со сопругата и двете деца во романскиот град Сигет. Тој сака да го продолжи својот пат кон Западна Европа и никогаш да не се врати во Украина. 

Игор вели дека многу мажи се очајни и ја напуштаат земјата за да избегаат од мизеријата и воениот рок. Ако војската во Украина сретне мажи на улица, тие ги апсат и ги испраќаат на фронтот. 

„Тие само те праќаат во војна – каде се битките“, вели Игор со низок глас. Тој не бил во касарната и не знае како да ракува со оружје. „Без разлика дали знаеш да ракуваш со оружје или не, дали можеш или не, не им е грижа“. Игор вели дека по десет дена обука ги носат на фронт. Еве што му се случило на неговиот братучед.

Не се знае колку мажи се обидуваат илегално да ја поминат границата, колку од нив не успеваат и умираат.   

Граничните полицајци велат дека пред неколку дена пронашле двајца мажи кои биле тешко повредени од бодликава жица од украинска страна. Успеале да побегнат преку реката со раскрвавени раце и нозе. Д-р Кристијан Бред, главен лекар во единствената болница во Сигет, потврдува дека во неговата болница се лекуваат ранети мажи од Украина, пишува DW.

По контраофанзивата на украинската војска во Донбас, уште повеќе се зголемил бројот на Украинци кои се обидуваат да побегнат, јавуваат граничните власти. Тие сугерираат дека повеќето од мажите се дезертери од украинската армија. Не е јасно дали меѓу нив има и припадници на руските вооружени сили.