>

Кремљ предупреди дека ќе реагира доколку Европската унија им го отежне патувањето на Русите во блокот како дел од мерките за поддршка на Украина, пренесува БГНЕС. 

Идејата за забрана на руските туристи во Европа ги подели земјите на ЕУ, при што некои целосно ја поддржуваат, а други стравуваат дека тоа ќе ја затвори вратата за руските дисиденти кои бегаат во странство.

>

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе разговараат за ова прашање за време на дводневната средба во Прага.

„Знаеме дека меѓу Европејците има различни мислења за ова прашање. Ние внимателно ќе го следиме ова прашање. Ова е многу сериозна одлука што може да биде насочена против нашите граѓани“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

>

„Се разбира, таквите одлуки не можат да останат без одговор“, рече тој.

„Чекор по чекор, Брисел и одделни европски престолнини демонстрираат апсолутен недостаток на разум… Оваа мешавина на ирационалност, која се граничи со лудило, дозволува да се разговара за такви одлуки (за визите), додаде Песков.

>

Брисел воведе голем број санкции без преседан кон Москва како одговор на руската офанзива против прозападна Украина која започна на 24 февруари. ЕУ веќе ги суспендираше визите за руските официјални делегации и деловни лидери, но на посетителите со краток престој им е дозволено да патуваат во блокот.

Иако Украина повика на руските туристи целосно да им се забрани влезот во ЕУ, се очекува симболично суспендирање на договорот, што го олеснува барањето визи. Руските туристи користат шенген визи, кои генерално важат во 26 земји на ЕУ и придружните земји, вклучувајќи ги Швајцарија и Норвешка.Визите обично дозволуваат престој до 90 дена во период од 180 дена.