Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров денеска изјави дека имајќи го предвид неодамнешното влошување на ситуацијата на Косово и Метохија, неопходно е да се најде решение засновано на строго почитување на нормите на меѓународното право, врз основа на Резолуцијата 1244 од Советот за безбедност на ОН, со целосно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет и легитимните права и интереси на Србија.
Лавров ова го изјави на средбата со српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин во Москва, со кого разговараше за прашања од билатералната и регионалната соработка , објавено е на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Русија.
Лавров пред средбата со Вулин истакна дека ставот на Русија во однос на Косово не е променет, додавајќи дека тоа неколку пати го потврдил и рускиот претседател Владимир Путин.
– Се залагаме Белград и Приштина да постигнат одржливо, заемно прифатливо решение врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации – рече Лавров.
Тој додаде дека решението несомнено мора да биде пред се во согласност со меѓународното право и мора да биде одобрено од Советот за безбедност на ОН.
– Ќе прифатиме само таков исход што им одговара на Србите. Ќе им пружиме сеопфатна поддршка на нашите српски пријатели за постигнување на тој резултат – рече Лавров, а се наведува на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Русија.