Портпаролот на кинеската Канцеларија за Тајван Ма Ксијаогуанг денеска изјави дека е забранет увозот на грејпфрут, лимони, портокали и други цитрусни овошја, како и два вида рибни производи од Тајван. Во посебно соопштение, кинеската Царина објави дека забраната за увоз на цитруси е воведена поради „прекумерно количество пестициди“, додека како причина за забраната за увоз на производи од риба е наведена „превенцијата од ковид-19“.
Во исто време, кинеското Министерство за трговија најави дека воведува забрана на извозот на својот природен песок во Тајван. Природниот песок, инаку, е клучна компонента за производство на полупроводнички чипови, што е исклучително важна економска гранка за Тајван.
Како одговор на кинеската одлука, Тајван објави дека забраната за увоз на песок од Кина ќе има само „ограничен ефект“, додавајќи дека побарувачката на Тајван за кинески песок во последните години била „помалку од 1%“ од вкупната побарувачка.