Почна големиот раскол во ЕУ за рускиот гас! Унгарија и Австрија против ембаргото на руската енергија
Премиерот на Унгарија Виктор Орбан денеска изјави дека европскиот предлог за ембаргото за увоз на руска нафта „не е добар“ и дека нема компромис меѓу земјите-членки за шестиот пакет санкции.
Доаѓајќи на самитот на лидерите на ЕУ, премиерот на Унгарија рече дека е „подготвен да го поддржи шестиот пакет санкции“ доколку се дадат одговори и гаранции за безбедно снабдување со енергија на Унгарија.
– Решението кое ги исклучува нафтоводите не е лошо, но ни требаат гаранции дека, во случај на проблеми со нафтоводот што минува низ Украина, имаме право да земеме руска нафта од други извори. Ако го добиеме тоа, тогаш е во ред, изјави Орбан.
– Ставот на Унгарија е многу едноставен. Енергијата е сериозен проблем. Прво ни требаат решенија, а потоа санкции. Во првите пет пакети санкции прво воведовме санкции, а потоа баравме решенија за последиците. Бидејќи енергетиката е сериозно и ризично прашање, прво мора да имаме решенија, а потоа да наметнеме санкции. Засега немаме решение, изјави Орбан.