Камчев го разоткри Груевски: За Груевски се чуваат три ексклузивни апартмани од 750 квадрати во Панорама, во замена за плацевите
Бизнисменот Орце Камчев денеска во Кривичниот суд даваше одбрана за случајот “Плацевите на Водно”. Тој, во својот исказ објави досега непознати информации, односно дека екс премиерот Никола Груевски, имал уште три тајни стана на Водно, во комплексот “Панорама”, кои наводно ги добил во замена за плацевите на Водно.
Бизнисменот, својот исказ го започна со образложение за тоа зошто одлучил да ја купи фирмата “Сирах и инжениринг” која во своја сопственост ги имала тајните плацеви на Груевски на Водно.
-Во првата половина на 2015 година немав воопшто слушнато ниту за “Сирах Лимитет” ниту за “Сирах Инженеринг”, ниту за плац. Откако беа објавени “бомбите”, во мојата канцеларија дојде Ненад Јоаифовиќ, вработен како директор на правна служба, вознемирен и ми вика ова е фирма Сирах која е регистрирана на мое име, за која не сум ти кажал и која е предадена да прават бизнис зделки. Ми раскажа кои луѓе се инволвирани во таа почетна приказна, кој побарал, што правел, колку пари се платени. Рековме добро, пробај да се откачиш од таа фирма зошто нема ништо поврзано со тебе. Ниту влез, ниту излез на пари, истакна Камчев.
По еден месец рече дека добил повик од Сашо Мијалков.
-Месец време потоа ми се јави Сашо Мијалков и ми вика да го примиш Ристе на кафе. Ристе Новачевски дојде кај мене, се знаеме, заедно сме учеле средно школо. Ми кажа дека го праќа Никола Груевски да се видиме во врска со земјиште. Ристе бил директор на компанијата, а сопственик на истата е Ненад Јосивоиќ. Јас со Груевски немав контакт тогаш и мојата сестра контактираше приватно со него. Во тие денови ми кажа дека земјиштето што го поседува Сирах, ја прашал Груевски, дали може да го купиме. Размислив што да правиме, познавајќи го и неговиот карактер на осветољубивост, одлучивме земјиштето да го купиме, истакна бизнисменот.
Потоа, како што рече Камчев, добиле порака преку неговата сестра дека една локација треба да се задржи, а за другите зошто биле многу компромитирани во јавност, а не вределе колку што биле платени, да се размисли Груевски да добие адвекатен имот во соодветен износ, за да се надомести.
-Тоа беше првиот договор потпишан на 20.7.2015 година. Потоа Груевски се откажа комплетно од сите четири плаца и побара адекватни станови во одредена зграда во Скопје која ние во тој момент ја изведуваме. Во меѓувреме се договараат детали, не преку мене, по барање на Груевски да се компензира за 750 квадратни метри станови на атрактивна локација, да кажам ексклузивни станови, истакна Камчев.
Тој појасни и како бил спроведен договорот.
-Зошто требаше некако да се префрли сопственост на истите, во 2016 година од негова страна се обезбеди фирма која влезе како соизведувач во зградата каде се градеа становите. Истото тоа беше на мое барање, за да се спроведе договор, затоа што не сакам да кријам сопственост, а најмалку на Груевски. Фирмата која тој ја договори потоа беше договорено да го вкрсти уделот, а за истиот надомест да земе 750 квадрати станови кога ќе се издадат имотни листови, истакна Камчев.
Тој додаде дека никогаш не криеле сопственост на Никола Груевски.
На прашањето што се случува сега со тие три стана, Камчев рече дека исто како што било и со фирмата Сирах Инженеринг каде сопственик и управител само на хартија биле Ненад Јосифовиќ и Ристо Новачевски, така и овој имот има нереален сопственик, Мето Стојчевски.
На прашањето на обвинителката Лиле Стефанова, дали знае во која зграда се наоѓаат овие станови, кои Груевски ги добил како замена за плацовите, Камчев рече:
-Да, во зградата Панорама резиденс, три апартмани во квадратура од 750 метри квадрати кои не се под залог, под хипотека, се чуваат за примопредавање, истакна бизнисменот.
Тој додаде дека становите за Никола Груевски ги чува Мето Стојчевски.