EKCKЛУЗИВНО: HOВО HAУЧНО OTКРИТИЕ зa макeдонскиoт jaзик! Првата докторска дисертација за македонскиот јазик
Првата докторска дисертација за македонскиот јазик
На 27 ноември 1890 година, естонско-гермaнскиот славист Леонард Готхилф Мазинг ја одбранил првата докторска дисертација за македонскиот јазик на тогашниот Дерптски универзитет (во тогашен Дерпт, а денес Тарту, втор по големина, по главниот град Талин) во Естонија, со наслов:
„За јазичната определба на македонските Словени“ (Zur sprachlichen Beurteilung der Macedonischen Slaven). Отпечатена е во Санкт Петербург. Една година подоцна, во 1891, исто во Санкт Петербуг, тој го преобјавил докторатот, вклучувајќи ја и студијата, „Кон теоријата на гласовите и акцентот во македонско-словенските дијалекти“ (Zur Laut-und Akzentlehre der Macedoslavischen Dialekte).
Младиот студент Леонард Мазинг дошол во Тарту (Дерпт) да студира теологија, но не тргнал по стапките на својот татко и не станал свештеник, туку филолог. Леонард Мазинг, во својата докторска дисертација, пишува дека клучна улога во неговото запознавање со Македонија, имале двајца Македонци што ги запознал во текот на неговите студии во Лајпциг и во Петроград (Санкт Петербург).
Во Лајпциг, во 1886 година се сретнал и извесно време другарувал со велешанецот Иван Ѓоргов, кој го запознал со состојбите во Македонија, со јазикот, со обичаите, со историјата. Во Петроград пак, го запознал Димитар Топеничаров, кој по потекло бил од Охрид. Мазинг бил фасциниран од Македонија и не само што одбрал да докторира на тема за македонскиот јазик туку напишал и многубројни белешки од неговите истражувања за историјата и за етнологијата на Македонија кога македонската етноисториска целина сѐ уште не била поделена, и административно ѝ припаѓала на Отоманската Империја.
Токму во контекст на ваквата општествена и историска состојба на Регионот, Мазинг врз основа на своето истражување, во 1890 запишал: „Во денешниве услови кога Македонија не е независен политички субјект, за нас (лингвистите) важат нејзините етноисториски граници за дефиниција на јазикот!“
Со докторската дисертација, како и со другите свои дела Л. Г. Мазинг го трасира развојниот пат на македонистиката кон крајот на 19 век. Неговите дела одекнале во научните кругови во коишто целта била научната вистина за кирилометодиевата писменост, култура и етнолингвистика, надвор од политиката и пропагандата.
Леонард Готхилф Мазинг бил роден на 21 ноември во 1845 година во селото Мустјала (на островот Езел, денес Саарема) во Естонија и потекнува од семејство на свештеник во Лутеранската црква. Се школувал во Лајпциг, Гетинген и во Дерпт (Тарту).
Леонард Мазинг работел на Дерптскиот универзитет повеќе од 45 години прво како доцент, а подоцна како професор на Катедрата за споредбена граматика на словенското наречје. Држел курсеви за споредбено-историски граматики на индоевропските јазици, за споредбена граматика на словенските наречја, потоа вовед во славистика, филолошка и славистичка литература, црковнословенски јазик, јужнословенска дијалектологија, источноевропски јазици итн.
Во неговата универзитетска дејност, секако спаѓал и научниот интерес за македонскиот јазик и за неговата засебност. Починал на 4 април 1936 година во Тарту, Естонија. Погребан е на универзитетската парцела на гробиштата „Ради“, но неговиот гроб не е зачуван бидејќи по немилите настани по Втората светска војна и по егзодусот на балтичките Германци настрадале и гробовите и надгробните плочи на починатите.