ФИЛИПЧЕ ИМА ФИРМА ВО ПЕТРИЧ НА ИСТА АДРЕСА КАКО И ВИЦЕ ЗАЕВ Мемов го повика „собственикот на капиталот“ да каже со какви дејности се занимава

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче е наведен како „едноличен собственик на капиталот“ и како „управител“ на компанијата „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД во Петрич, Бугарија, каде фирма има регистрирано и Вице Заев, рече портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, денеска на прес конференција.
– Денес, повторно се обраќаме до Венко Филипче и до раководството на СДСМ, за прашање од врвен национален и државен интерес, прашање кое ја засега суштината на нашата демократија, транспарентноста на политичкото дејствување и заштитата на македонските национални интереси. Движењето ЗНАМ во изминатиот период, со факти и докази ја отвори дилемата за поврзаноста на бизнис интересите на раководството на СДСМ во Република Бугарија и нивните политики кон соседната држава. Наместо одговори, добивме само обиди за релативизација и заглушувачки молк – рече Мемов.
Тој наведе дека според официјалните податоци од Трговскиот регистар на Република Бугарија, Венко Филипче е единствен сопственик и управител на компанијата „ПАУЪР АЙ8“ ЕООД.
– Како што може да се види од документите, Филипче е наведен како „едноличен собственик на капиталот“ и како „управител“ на оваа компанија. Седиштето на оваа компанија е во градот Петрич, на адреса булевар/улица Гоце Делчев бр. 12. Интересно е што на истата адреса, Гоце Делчев бр. 12 во Петрич, е регистрирана и компанијата „ГОМАСИДРА“ ЕООД, во сопственост на Вице Заев. Ова недвосмислено укажува на постоење на испреплетена бизнис мрежа на највисоките структури на СДСМ во соседна Бугарија – рече Мемов објавувајќи документи за сопственоста на фирмите.
