Со други зборови

ПОРТАЛОТ ВЕЧЕР ОТВОРА „АФЕРА КЕДЕВ“ Обвинувањата на кардиологот за „непотребни операции на срце“ не се потврдија, но дали исплива политичка заднина на случајот?

Порталот Вечер отвора спектакуларна „афера Кедев“, повикувајќи се на документи за 9-те спорни случаи, за кои д-р Сашко Кедев тврдеше дека биле изложени на „непотребни операции на срце“. Вечер тврди дека самиот Кедев упатил 2 пациенти за операција во приватна клиника и тие се на списокот на спорни случаи што ги соопшти Министерството за здравство.

Како што е познато, кардиологот Кедев од државната Клиника за кардиохирургија, минатата година јавно рашири сомнежи дека на приватни клиники се вршат непотребни операции на срце, заради профит. Пред неколку дена, министерот за здравство Азир Алиу ги соопшти наодите на комисијата од странски експерти, кои анализирале 13 случаи поврзани со сомнежи за непотребно извршени кардиохируршки интервенции или непотребно упатени за операција.

Во 9 случаи, странските експерти утврдиле „сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација – на пример, несогласување меѓу ангиографските наоди од коронарографијата и писмениот извештај – по што следувала несоодветна индикација за процедури, било ендоваскуларни или хируршки“. Иако Алиу цитираше заклучок дека „одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваниот професионален стандард и можеби неповолно влијаеле врз клиничкиот исход“, сепак во ниту еден дел на тој извештај не се потврди она што го тврдеше Кедев долго време – дека се извршени операции на срце, а тоа не било потребно.

You might also like