Jавноста се занимава со скандали во кои се вклучени или политичари или членови на нивните потесни семејства, но сите тие се „чудо за три дена“… А, во меѓувреме, тонеме во ѓубре, дишеме загаден воздух, нема систем за решавање на бездомните животни… Мислат ли политичарите на граѓаните само пред избори?
Да, многу пати сум направила споредба на нашата меморија со онаа на рибата во аквариум. Рибата ќе заврти еден круг, не се сеќава и повторно се изненадува. Така и ние, само ги препокриваме старите со нови афери. Отрпнавме, нè анестезираа низ деценииве наназад. Што сакаме уште да ни се случи, па да реагираме? Малку е што ни изгоре болницата за три минути со пациентите внатре? Одговараше некој за квалитетот на материјалот? Малку е што секој генерален секретар на Владата мести тендери? Малку е што жени, синови на највисоките функционери имаат енергетски компании (за купи-продај струја, не за производство) среде енергетска криза? Малку ни беше што специјалната јавна обвинителка тргуваше со тајните материјали? Малку ни е непотизмот во судството, што е, исто така, криминал? Веројатно, чекаме метеор да ни падне, па да реагираме. Во меѓувреме, сме без градски превоз, се душиме без никој да ги испита изворите на загадување, без леб сме. Немаме леб. Веројатно, сме единствените што ќе ја контролираме инфлацијата само со замрзната цена на лебот. Цените дивеат. Поскапувањата во просек се 33,3 %. Некои производи и повеќе од 100%. Како ќе издржи овој сиромашен народ? Имаме најлоша можна инфраструктура. Еден пат не се направи. А, Владата ќе нè носела кон Европа. Не, благодарам. Ни треба Влада што ќе работи за доброто живеење на граѓаните, сега и веднаш. Европа е далеку од нас и да престанат да се возат на таа, за долго време отсега, недостапна линија, вели Солза Грчева претседател на Глас за Македонија во интервју за весникот Вечер.
