– Денес стоиме исправени пред историјата. Пред ден кој не е само датум во календарот, туку ден врежан во совеста на човештвото. Ден на победата над фашизмот. Ден кога светот покажа дека злото може да биде поразено, дека тиранијата не е вечна и дека слободата секогаш ја наоѓа својата сила во народите кои не се предаваат.
Овој ден е и белег за трудот и постојаноста на многу генерации кои се бореа за слобода. Големите работи не доаѓаат незаслужено, а кога станува збор за нашата татковина, ќе се согласите дека секој голем чекор на нашите комити, војводи и партизани е испишан низ историските страници со многу жртви, буни, востанија и со непоколеблива и пркосна желба за своја држава и слобода. Нема народ кој до овие цели не стигнал со многу препреки, но нашиот го имаше најдолгиот пат, по кој дојде државата.
Ние, Македонците, многу добро ја разбираме цената на слободата. Нашата историја не е историја на покорување, туку историја на отпор. Историја на луѓе кои, и кога биле малубројни, знаеле да бидат големи. Историја на генерации кои ја чувале идејата за своја држава, свој јазик, свој идентитет и свое достоинство.