Неверојатна историја се крие во павиљоните на студентскиот дом во Битола! Мало парче играчка го донесе првиот рендген апарат на Балканот во Битола во 1908

Додека денешните студенти брзаат низ ходниците на домот ’Кочо Рацин‘ со скрипти во рацете, малкумина од нив знаат дека чекорат по подови кои некогаш трепереле од тешките чизми на отоманските офицери и мирисот на етер. Комплексот во павиљони монументален и достоинствен е тивок чувар на времето кога Битола беше медицинскиот и воениот светилник на Балканот место каде што пред повеќе од еден век, ’невидливите зраци‘ на Вилхем Рендген за првпат погледнаа во внатрешноста на човекот.

Комплексот е изграден во 1885 за потребите на третата отоманска армија и обиектот е еден од највпечатливите и најзначајните архитектонски споменици на Битола. На блокот Д стои натпис плоча на која пишува „Manastır Ordu-yı Hümâyun Hastahânesi Şua‘-ı Röntgen Dairesi“ – „Одделение за рентген зраци при болницата на Царската војска во Битола“
Годината испишана под плочата е 1908 . Но, патот на овој апарат до Битола не бил ниту малку едноставен туку резултат на една необична драма што се одвивала во високите кругови на Истанбул.
Имено, според мемоарите на д-р Рифат Осман кој е најзаслу=ниот лекар и иницијатор што Битола ќе добие прв рендген апарат на балканот откриваат дека во тоа време владеел голем отпор кон новите технологии од страна на конзервативната отоманска бирократија. Пресвртот се случил кога малиот син на тогашниот воен министер проголтал метален дел од играчка. Додека дворските лекари со денови го мачеле детето со сирупи и застарени методи, чекајќи предметот да излезе, младиот и амбициозен д-р Рифат предложил нешто незамисливо, да се искористи „апарат што гледа низ човекот“.
Доктор Рифат Осман со рентгенска снимка докажал дека детето е надвор од опасност, воениот министер, исполнет со благодарност, но и поттикнат од прекорот на Султанот Абдулхамид II дека „војската во Битола се понижува пред странците бидејќи нема модерна опрема“, издал итна наредба. Наместо само еден, биле нарачани три најсовремени рентген апарати од Германија. Едниот заминал за Истанбул, вториот за Солун, а третиот, на голема радост на лекарите и граѓаните пристигнал токму тука, во срцето на воената болница во Битола.

Епидемијата на големите сипаници
Битолската воена болница станала дом на науката каде работеле врвни лекари Евреи, Италијанци, Грци и Турци кои заедно се бореле против епидемиите на големи сипаници.
Но, историското значење на оваа зграда не завршува со рентген апаратот. Нејзиниот вистински тест бил борбата со „невидливата смрт“ големите сипаници (variola vera), кои во неколку бранови (1897, 1903 и 1908 година) се заканувале целосно да ја опустошат Битола и нејзината околина.
Во тие моменти, Воената болница во Битола се трансформирала во вистинска тврдина на медицината. Додека низ тесните сокаци на чаршијата владеел страв, а семејствата ги криеле своите болни, зад дебелите ѕидови на оваа институција се одвивала организирана научна операција. Историските извори, вклучувајќи ги и истражувањата на турската историчарка Нилуфер Ѓокче, сведочат за извонредната ефикасност на битолските лекари.
Оваа болница станала епицентар на масовна вакцинација. Во нејзините амбуланти, воените лекари кои биле меѓу ретките школувани кадри во тоа време спроведувале строги протоколи за имунизација. Благодарение на нивната упорност и професионализам, Битола успеала да ги сузбие епидемиите со далеку помали жртви отколку другите балкански центри.
Она што ја правело оваа болница посебна била нејзината космополитска природа. Во време на неверојатно силни национални поделби, во нејзините сали за лекување и вакцинација работеле рамо до рамо врвни специјалисти од сите народности. Тоа бил редок пример на солидарност каде науката и хипократовата заклетва биле посилни од политичката нетрпеливост во тоа време. Воената Болница во Битола тогаш докажала дека е дел од напредниот свет, применувајќи методи на јавно здравство кои биле рамни на оние во Виена или Париз.
Битолската воена болница станала дом на науката каде работеле врвни лекари Евреи, Италијанци, Грци и Турци правејќи ја Битола заштитен ѕид на здравјето во овој дел од Балканот.

Во виорот на војните: Болницата како последно упориште
Додека рентген апаратот ги правеше своите први снимки, Битола стана „лулката“ на Младотурската револуција во 1908 година. Воената болница стана стратешки центар на Третата армија, чии офицери меѓу кои и многумина кои се школувале во непосредна близина, во Воената Идадија ја кроеја судбината на Империјата. Во тие денови на еуфорија и промени, болницата служеше како потсетник за модернизацијата кон која се стремеше новата генерација.
Мирот траеше неколку години се до избувнувањето на Балканските војни , капацитетите на болницата беа ставени на натчовечки искушенија. По Битолската битка, ходниците на овој објект беа преплавени со илјадници ранети војници.
Вистинската трагедија настана за време на Првата светска војна, кога Битола се најде директно на „Македонскиот фронт“. Градот беше подложен на речиси секојдневно артилериско гранатирање и бомбардирање. Воената болница, иако под заштита на Црвениот крст и Црвената полумесечина, се наоѓаше во една од најопасните зони. Во овој период, не само што служеше како медицинска установа, туку и воено засолниште. Лекарите работеа под постојан страв од гранати, честопати во подрумските простории, додека градот околу нив полека се претвораше во урнатини.
Интересно е што дури и во тие мрачни години, болницата ја задржа својата репутација на врвна институција. Кога српските, француските и подоцна бугарските и германските војски се менуваа во градот, сите тие ја користеа оваа зграда за истата цел знаејќи дека нејзините ѕидови се изградени за да спасуваат животи, без разлика на униформата што ја носел пациентот.
Битката на Кајмакчалан
Најтешките денови за оваа зграда доаѓаат во есента 1916 година. Битката на Кајмакчалан, позната како „Планината на смртта“, се одвиваше на само триесетина километри од градот. Додека на врвовите на Ниџе се водеше натчовечка борба на над 2.500 метри надморска височина, Битола стана главниот прифатен центар за преживеаните.
Ранетите војници, со страшни повреди од артилериски оган и смрзнатини, беа транспортирани со коли, маски, па дури и на раце до оваа болница. Тогашните записи сведочат за сцени кои го кршат срцето: дворот на денешниот студентски дом бил исполнет со стотици луѓе кои чекале ред за операција или преглед под фамозниот рентген апарат. Токму таа технологија, за која д-р Рифат толку тешко се изборил неколку години претходно, сега спасувала животи на тековна лента, помагајќи им на хирурзите побрзо да ги лоцираат шрапнелите во телата на војниците.
Во овој период, во болницата помагале и многубројни странски медицински мисии, вклучувајќи ги храбрите жени лекари и француските медицински сестри. Битолската воена болница тогаш била последната надеж за илјадници млади луѓе кои во Битола барале спас од пеколот на Кајмакчалан.

Од Кралството СХС до бурите на Втората светска војна
По завршувањето на Првата светска војна и формирањето на Кралството СХС болницата добива нова улога, но ја задржува својата воена намена. Битола, како важен гарнизон на самата граница, имала потреба од силен медицински центар. Објектот сега станува Постојана воена болница на Битолската дивизиска област.
Во меѓувоениот период 1918–1941, зградата е место каде што се лекуваат војниците на кралската војска, но таа останува и важен едукативен центар за локалното население. Стариот отомански сјај полека се меша со новата југословенска воена администрација. Рентген апаратот и понатаму е „чудото“ на градот.
Вистинскиот пресврт настанува со априлската окупација во 1941 година. Со доаѓањето на бугарската администрација, болницата е преземена и повторно адаптирана за потребите на окупаторските сили и нивните германски сојузници. Битола, како стратешка точка во близина на грчката граница, повторно станува логистички центар.
Во текот на Втората светска војна, зградата е сведок на драматични настани. Покрај лекувањето на војниците, во нејзина близина се одвиваат некои од најтажните епизоди во историјата на градот депортацијата на битолските Евреи меѓу кои имало и истакнати лекари кои некогаш работеле во таа иста болница. Постојат сведоштва дека за време на борбите за ослободување на Битола во ноември 1944 година, болницата била преполна со ранети, а нејзините ходници повторно го почувствувале мирисот на барут и воена хирургија.
Со доаѓањето на слободата и формирањето на нова Југославија, објектот за последен пат служи како воена болница на ЈНА, пред конечно, со модернизацијата на здравствениот систем и изградбата на новата Градска болница, да ја промени својата намена засекогаш.

Болницата како ТБЦ санаториум
По Втората светска војна, Југославија се соочила со голем предизвик и многу случаи на туберкулоза. Битола не била исклучок. Бидејќи објектот бил наменски изграден за болница, со високи тавани, огромни прозорци за многу светлина и одлична вентилација, бил идеален за лекување на белодробни заболувања.
Како ТБЦ центар, објектот функционирал под строг режим. Туберкулозата била социјална болест, па болницата служела и за изолација на болните со цел да се спречи ширењето низ пренаселените битолски маала. Постарите битолчани сè уште се сеќаваат на времето кога се одбегнувало поминувањето во непосредна близина на зградата поради страв од зараза.
Во овој период (крајот на 40-тите и во текот на 50-тите години), болницата примила илјадници граѓани од целиот регион. Тоа бил период на закрепнување на нацијата, каде објектот од „воена машина“ конечно се трансформирал.
Со пронаоѓањето на ефикасни лекови за туберкулоза и изградбата на новиот медицински центар во Битола (денешната Клиничка болница), потребата од ваков тип на изолиран санаториум во градот престанала. Токму тогаш, во почетокот на 60-тите години, се носи визионерската одлука објектот да им се додели на студентите.

Откако последната група пациенти со ТБЦ била дислоцирана , објектот не бил веднаш вселив. Поради природата на болеста (туберкулозата), биле извршени обемни дезинфекции. Постарите генерации забележуваат дека зградата стоела со ширум отворени прозорци со месеци, а внатрешноста била темелно варосувана и преуредувана за да се отстрани секој страв од можна зараза.

Притисокот од новите Високи школи
Битола во тоа време доживувала образовна експанзија. Во 1960 година почнала со работа вишата техничка школа, а во 1964 година и педагошката академија. Градот одеднаш се преполнил со млади луѓе од цела Југославија кои немале каде да спијат. Многумина биле сместени во приватни куќи и во тешки услови. Градските власти сфатиле дека старата воена болница е единствениот објект со доволен капацитет. Еден краток период неофицијално служел како интернат за да во 1979 година го добие актот за основање од општинската администрација како Студентски дом именуван по македонскиот херој Кочо Рацин.
Од темелите на Ахмед Ејуп Паша и султанот Абдулхамид во 1885 година, преку првите рендгенски зраци на д-р Рифат во 1908, па сè до воениот пекол на Кајмакчалан и тивката борба против „белата смрт“, оваа зграда била тврдина на науката и хуманоста.
Трансформацијата, кога за првпат болничките соби се претворија во студентски и ученички соби, а подоцна и официјалното воспоставување на универзитетскиот живот во 1979, е потврда за нејзината жилавост. Денес, Студентскиот дом „Кочо Рацин“ е можеби единственото место во Битола каде што можете во исто време да ја почувствувате тежината на една империја и надежта на новите генерации.
Љубе Маркоски – Директор на Студентски Дом Кочо Рацин – Битола