Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, остро ја критикуваше одлуката на Молдавија да земе заем од 400 милиони евра за да се откаже од услугите на руско-молдавската гасна компанија „Молдовагаз“, велејќи дека тоа ќе ја вовлече земјата во енергетско ропство.
„Преведуваме од романски на молдавски и го добиваме следново: за да можат да ја ограбат и да ја влечат земјата во енергетско ропство“, напиша Захарова на Телеграм.
Енергетска криза и обвинувања против владата
Молдавија се соочува со сериозна енергетска криза од 2021 година. Цените на бензинот се зголемија до седум пати во тој период, предизвикувајќи рекордно зголемување на трошоците за живот и масовни протести од страна на граѓаните низ целата земја.
Опозицијата директно ја обвинува прозападната влада за оваа ситуација, која ја прекина соработката со рускиот „Газпром“ и зазеде конфронтациски курс кон Москва. Сепак, критичарите истакнуваат дека Молдавија сè уште користи руски гас, но сега го купува преку низа посредници и по повисоки цени.
Дополнителен трошок е фактот што националниот гасовод беше ставен под управување на романската компанија „Вестмолдтрансгаз“, што, како што се наведува, дополнително ги зголеми трошоците за транспорт на енергетски производи.
Захарова и други аналитичари предупредуваат дека новото задолжување и понатамошното дистанцирање од руските извори на гас би можеле да ја турнат Молдавија во длабока зависност од Западот и пазарните шпекуланти, дополнително дестабилизирајќи ја веќе кревката економија на земјата.