9 Мај е Денот на победата на најголемото зло, победата над гестаповци кои ја пеплосаа Европа, а не на амнезијата. Не постои ден на Европа на овој датум, туку постои Европа изградена над фашистичката пепел
Во современата историја, постојат денови кои не смееме да дозволиме да бидат избришани, препакувани и заменети со ситни историски флоскули за некаков си „нов почеток“.
Еден од тие датуми, кој со крвави букви ја испишува историја на 20ти век, е 9 Мај – Денот на победата над фашизмот. Тоа не е обичен ден обележан во календар, туку цивилизациска придобивка изградена на коските на нашите дедовци и прадедовци, победа на човечноста над мракот, на отпорот над тиранијата, или библиски кажано, на животот над смртта.
Во оваа антифашистичка борба во која гестаповци заедно со нивните приврзоци, омуртаците на Цар Борис, црно кошуљашите на Мусолини, усташите на Анте Павелиќ романските квинслизи и ред останати колаборационисти на третиот рајх ја запалија цела Европа, нашите дедовци не гледаа со скрстени. раце и нозе и не ги чекаа Сталин, Рузвелт и Черчил да ја донесат победата. Од еден одред со неколку партизани во Прилеп, набрзо станаа десет одреди, па 25 бригади, па сето тоа прерасна во големо антифашистичко движење,
9 Мај не е туѓа симболика. Тој ден е печат на маката, крвта и жртвата на македонските партизани, млади деца на по 20 – 25 години кои најубавите години ги поминаа во планина, хранејки се од една кришка и делејки ја цигарата. Над 25.000 борци, илјадници загинати, села изгорени, фамилии избришани, тоа не беше декларативна слобода која ни ја подари Тито, туку суштинска и извојувана со оружје, со чесен идеал и со јасна страна, страната против фашизмот.
Во последниве години, сведоци сме на суптилни обиди за релативизирање на овој ден. На 9 Мај, веќе не се зборува за Сталинград, за Курската битка, за денот Д, за Нормандија за Сремскиот фронт. Не се зборува за берлинската и битката во Дрезден. Не се спомнуваат Наумови од Битола, Дуња и Корчагин од Скопје, Питу и Ацев од Прилеп, Мирка Гинова од Воден и ред други антифашистички борци стрелани на најсуров начин, туку се почесто слушаме за „Денот на Европа“. За некаков наводен почеток на европското обединување, врз база на декларации и економски сојузи.
Да се разбереме, никој разумен не се противи на идејата за обединета Европа. Но да се стави таа историја пред победата над фашизмот е историско извитоперување, апсурд, нелогичност, тривијална заслепеност.
Невозможно и непромислено е 1945 и 1950 да се стават на ист пиедестал, ниту пак треба да имаме некаков сомнеж кој е вистинскиот темел на денешна Европа. Темелот не е роден во Брисел, туку во ровови, планини, логори и борбени единици. Европа како унија не би постоела и би немала никаква смисла без победата над фашизмот.
Македонските партизани, нашите баби и дедовци како активни учесници во оваа борба против гестаповци, го впишаа името на Македонија во светската борба за слобода. Не чекаа слобода од никој, тука се изборија и ја извојуваа. И ако денес имаме право да зборуваме за државност, за идентитет, за самоопределување, тоа е резултат на жртва на нашите предци.
Затоа, секој обид да се симне значењето на 9 Мај, е истовремено обид да се симне значењето на оваа борба.
Во време на растечки ревизионизам, кога во одредени европски земји се изедначуваат нацистите со партизаните, кога се рушат споменици и се рехабилитираат квислинзи, ние внуците на партизаните знаеме каква обврска имаме. Да бидеме чувари на вистината и да не дозволиме 9 Мај да биде сведен на празна политичка фраза, туку да остане симбол на отпорот, на праведноста, на народното движење и на луѓето напатени.
Затоа, кога ќе застанеме пред спомениците на паднатите борци, кога ќе слушнеме за „Ден на Европа“, нека нè потсети совеста: Европа што ја сакаме е Европа што се роди над пепелта од фашизмот, а иднина без меморија не постои.
Нека е вечен 9 Мај – Денот на победата над фашизмот, Денот што не смее да се заборави. Денот кога човештвото се роди повторно!
Смрт на фашизмот, слобода на народот!
Расцветали јаблони и груши!
Љупчо Маркоски