ТАЧЕ СЕ ДОГОВОРИЛ СО ПРПАРИМ ДА СЕ ОСНОВА НОВО ВЛТ Со игри на среќа без лиценца го почестил со околу 140.000 евра
Третопријавениот Д.К., како претседател на Владата на Република Северна Македонија, по претходен договор со првопријавениот П.Б., на 08.03.2022 година ја ставил на дневен ред и усвоил постапка за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека материјалите не се разгледуваат на седница согласно Деловодникот за работа на Владата (член 68 став 1). Со ова овозможил друштвото да стекне право да приредува игри на среќа без лиценца и на одговорните лица им овозможил противправна имотна корист од 8.598.000 денари, соопшти МВР.
Министерството за внатрешни работи излезе со детали за кривичната пријава против поранешниот премиер Димитар Ковачевски и седум лица во случајот „Државна лотарија“. МВР попладнево соопшти дека пријавата е поднесена на 13 декември од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и корупција-Сектор за криминалистички истраги-Единица за корупција до ОЈО Скопје.
Кривичните пријава е против вкупно осум лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“,„примање поткуп“ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ во случајот со Државната лотарија на Република Северна Македонија.
Со кривичната пријава се опфатени П.Б. (31) за „злоупотреба на службената положба и овластување“ чл.353 ст.4, „примање поткуп“ чл.357 ст.4 и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ предвидено и казниво по чл. 275-в ст.3 од КЗ, против А.Г. (47) од Скопје за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ чл. 275-в ст.3 в.в. член 24, против Д.К. (50) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4, против М.Д. (58) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4, против В.П. (41) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4 и продолжено кривично дело „примање поткуп“ предвидено и казниво по чл.357 ст.1 в.в. чл.45, против А.А. (36) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4, против Н.Х. (52) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4 и кривично дело „примање поткуп“ предвидено и казниво по чл.357 ст.1 и против М.З. (38) од Тетово за „злоупотреба на службената положба и овластување“ предвидено и казниво по чл.353 ст.4.
Како што се наведува во соопштението од МВР, првопријавениот П.Б., како претседател на Управниот одбор на Државната лотарија, во периодот од 2022 до 2023 година, свесно ги прекршил законите за игри на среќа. Тој овозможил на правни лица од Скопје, Битола и Белград да организираат игри на среќа без лиценца, иако знаел дека тоа е спротивно на законот. П.Б. доставил информации до Владата за основање нови правни лица кои би добиле право за организирање електронски и интернет игри на среќа, со помош на второпријавениот А.Г., добивајќи согласност од Владата за објавување на два јавни повика кои не смееле да ги објават.
МВР информира дека АД Државна лотарија на Република Северна Македонија, спротивно на член 7 од Законот за игрите на среќа, склучила договори за заедничко вложување со правни лица од Скопје, Битола и Белград, иако тие не ги исполнувале законските услови. Овие правни лица немале потребна регистрација и квалификации според јавните повици, кои бараат правно лице регистрирано во Северна Македонија со соодветна дејност.