Претходно во папкава говоревме за бунтовите против Сремскиот фронт ширум цела Македонија и за жртвите на југословенскиот шовинизам. Како што се утврди, на Скопското кале нема стрелања и убиства, но после бунтот во Штипската касарна, јануари 1945 г., југословенските тајни служби донеле брза пресуда и погубиле 6 бунтовници, партизани, Македонци од Валандово. Историчарката Виолета Ачкоска го пренесува и сведоштвото на партизанката Вера Ацева за собирот во Штип, којшто се случил во ноември ’45 г., кога во „линч без суд“, како што вели Ацева, биле каменувани уште 3 лица – помлади војници.
Ѓоко Мојсов сведочи за веројатно – најгрозоморниот ваков случај. Во Врање, јужна Србија, во јануари ’45 г., србо-црногорските команданти наредиле убиство на еден од војниците – бунтовници, како пример за другите Македонци. Мојсов бил сведок на тој настан, на самото место.
Борис Стефанов Силјановски (1921 – ’45) од Битола е уште една жртва на овие настани. По сведоштво на неговиот другар и сограѓанин Фидан Талевски, тој бил мобилизиран во војската на наци-фашистичка Бугарија, но меѓу војниците – Македонци, Борис секогаш агитирал за независна држава Македонија.
Во септември 1944 г., Борис Силјановски се приклучил кон македонските партизани. Тие 4 месеци од крајот на 1944., според повеќе историчари, македонските антифашисти имале прилично поволна можност да влезат во Беломорска Македонија, но про-југословените во КПЈ и КПМ ја одиграле судбоносната кукавичка улога.
И во Македонската војска, по кажувањето на Стојан Божиновски (уште еден битолчанец), Борис ревносно се борел против Сремскиот фронт, но и откако бил затворен поради тоа. Југословенскиот 15. Корпус го осудува Борис Силјановски на смрт, на 10 јануари 1945, и тој е погубен.
Неговото семејство дознава за таа погибија после неколку месеци – во мај таа година.
Борис Силјановски е типичен борец за независна Македонија – дејствувал и против бугарскиот наци-фашизам и против југословенскиот шовинизам.
Многу од овие борци остануваат „без име“ и, за жал – незнајни за македонската национална историја. Југословенските служби уништувале досиеја и документи, па затоа многу од имињата на овие борци за независна Македонија засега не се знаат. Но, полека излегуваат на површина…
Во овој контекст, историчарите Виолета Ачкоска и Никола Жежов го пренесуваат и сведоштвото на Стојан Поповски од струмичко Ново Село. Тој тврди дека југословенските служби го убиле татко му Вангел Димитров Попов, заедно со уште неколкумина од Струмица и Струмичко, после бунтот на Калето.
Забелешка:
[1] Ѓоко Мојсов – македонски партизан, учесник во НОБ и во Сремскиот фронт ’45 г., политичар и општественик. Бил и шеф на Кабинетот на Александар Грличков – додека овој бил претседател на Извршниот совет (републичката влада) на НР / СР Македонија, 1960-тите.
Литература:
[1] – Виолета Ачкоска и Никола Жежов, „Репресијата и репресираните во најновата македонска историја“, Скопје, 2005.
[2] – Виолета Ачкоска, „Лекции од историјата на современата Македонска Држава“, Филозофски факултет, Скопје, 2011.
[3] Стојан Ристески, „Судени за Македонија (1945 – 1985)“, Охрид, 1995.
——–/