Марко Цепенков сведочи дека во Прилеп празникот на светите Кирил и Методиј најпрвин бил празник на тутунџискиот еснаф, а кога овој еснаф се расипал поради Монополот празникот го присвоил брашнарскиот еснаф за свој еснафски празник. Според еден запис на Поменикот на шивачкиот еснаф на дебраните во Солун светите браќа за свои покровители ги имале и шивачите. Авторот на записот повикува да се „остави спомен по себе си на еснавот и на искрата и на изворот на главата свети Кирил и Методија; тија сја на извор на наши народ, што не напоиле со духовно просвештение и со славјанска писмене с славно им имја до века с Оцем и со Сином и свети Духом, амин.“
Празникот на светите браќа Кирил и Методиј посвечено почнал да се празнува во 19 век. Марко Цепенков забележува дека овој празник „силум се воведе во црквата (…) при подигнувањето на црковното прашање. Стефан Тановиќ во своите записи од Гевгелиско вели дека „Св. Кирил и Методиј“ е нов празник кој од скоро почнал да се споменува и да се слави. Го празнуваат само Србите и Бугарите, како Словени, додека Грците не сакат ни да слушнат за него. Бугарите го празнуваат и го присвојуваат како нивни празник, додека пак Србите го празнуваат од општословенско гледиште.“
Според една дописка во цариградскиот весник „Новини“ од 6 јуни 1891 година празникот на светите Кирил и Методиј во Битола бил празнуван многу свечено. Населението од Битола, се вели во оваа дописка, се натпреварувало со населението од Солун во посвечено празнување на празникот на светите браќа. Уште вечерта спроти празникот се гледале радост и воодушевување на лицата на населението. Учителите и учениците со песни виеле венци што ги ставале на вратите и прозорците од училиштата, пансионот претставувал величествена гора накитена со природни и вештачки цвеќиња. Таа слика станувала уште повеличествена со поставените портрети на Султанот и на Егзархот и на двете икони: едната со ликовите на светите браќа и другата со ликовите на светите Седмочисленици. Вечерта од сите страни колони ученици од сите училишта, како и многу народ ја исполниле црквата. Вечерната служба била извршена свечено. На самиот ден се служело во црквата „Св. Богородица“ која била преполна со народ. Архимандритот Козма придружен од сите свештеници и еден ѓакон отслужил свечена служба, а потоа одржал слово во кое зборувал за значењето и светоста на тој празник, и за заслугите на светите браќа. По распуштањето на црквата масата се упатила кон машкото четворокласно училиште. Напред, од двете страни на улицата, во два реда оделе учениците и ученичките, во средината двајца ученици со голем и убав венец во рацете, а по нив се носеле иконите на св. Кирил и Методиј и на св. Седмочисленици. По нив одел народот и свештениците облечени во најсвечена облека. По целиот пат од страна на народот се пееле тропарот на празникот и пофални песни. Во дворот на училиштето бил извршен водосвет.
На тој обред присуствувале неколку конзули: рускиот, англискиот и германскиот и сите свештеници, учители и учителки. По водосветот управникот на училиштето одржал слово за апостолската дејност на светите браќа, за нивните големи дела и за ширењето на христијанството меѓу словенските народи. Потоа биле почестени сите прусутни во училишниот салон, по што започнала веселба со звуците на гајдата што траела до пладне. Попладнето, сите ученици, ученички, учители и учителки, како и многу народ со четири гајди тргнале низ градот кон „Св. Недела“ каде што на зелената ливада, под густите сенки на дрвјата се играло и пеело и се кажувале здравици до доцна во ноќта.
И во селото Ваташа, Тиквешко, празникот на светите Кирил и Методиј бил празнуван со училишни приредби, со слово за светителите, со хорски песни, со литургија во црквата, со духовни поворки во кои се носеле икони, знамиња, литиски икони и други црковни предмети итн.
Во селото Нестрам, Костурско, пред Балканските војни празникот на светите Кирил и Методиј се празнувал многу свечено на 24 мај. Заедно празнувале и учениците и родителите. Учениците од двете училишта биле изведувани надвор од селото, во шумата на Св. Мина. Тука во гората имало убави полјанки со студена вода. Учениците изведувале пригодна програма пред своите родители, а еден од учителите читал реферат за значењето на празникот. Потоа следувала богата музичка програма со ора и песни. По 1913 година овие празнувања биле забранети од страна на грчките власти.
ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?