Местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни се додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада, сугерира премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски како одговор на најавите на опозициската партија да не гласа за составот на техничката влада, ниту да учествува на нејзините седници.
Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера информираа дека остануваат на ставот да не гласаат за техничкиот премиер. Најавија дека имињата на министрите и замениците министри ќе ги објават следната недела.
Ковачевски вчера го повика претседателот на Собранието и иден мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а откако ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.
– Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во влада, а притоа да не ја поддржи таа влада. Постојат примери во кои политичка партија не учествува во влада, ама ја поддржува. Меѓутоа, не постои пример политичка партија да земе учество во влада, а да не гласа за владата. Затоа, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваат, рече Ковачевски во изјава за медиумите дадена по одбележувањето на големиот христијански празник, Богојавление – Водици, во Скопје.