Обвинителството прво ќе го чека вештањето на запленетите пиротехнички средства во џипот на внукот на Али Ахмети, Дрин, па дури потоа ќе цени дали има доволно елементи за кривична одговорност или ќе помине со прекршочна казна…
Пиротехниката која полицијата при претрес ја пронајде во возилото на Дрин Ахмети, младиот бизнисмен и внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, ја набавил легално. Со вакво тврдење и без да сака да сподели повеќе детали, за порталот Скопје 1 излезе Дрин Ахмети. Тој не смета дека сторил кривично дело, па затоа ќе води правна битка.
„Во овој момент, нема да коментирам детали бидејќи во тек е истрага и постапка, а мојот правен тим работи на тоа. Можам да го кажам само ова, пиротехниката беше купена легално, а сите други подароци во автомобилот беа за моите внуки и внуци. “
Сепак со Кривичниот законик држењето и набавката на распрскувачки материи е кривично дело. Министерот за внатрешни Оливер Спасовски вчера потврди дека во исвестувањето кое МВР го доставило до Јавното обвинителство е наведен членот 396 од КЗ.
„Ако предмет на делото е поголемо количество на распрскувачки материи наменети за дозволени забавни, свeчени и други активности, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“.