– Алкомена е уште еден антички град од горното течение на Еригон (Црна Река). Тој, според археолозите, се наоѓал кај денешното село Бучин, кое како населба се споменува и во историските документи од средниот век. Од античкиот град Алкомена, според извесни историски податоци, потекнувал и еден истакнат војсководач на војската на Александар Македонски со име Пејтон. Него го споменува стариот историчар Аријан.
Според историските извори, во горното течение на Црна Река, која во антиката е позната како Еригон, егзистирале три поголеми градски населби. Еден од нив е веќе опишуваниот Стибера кај селото Чепигово, а другите се Алкомена и Бријанион. Додека Бријанион се идентификува со древните остатоци од населба со тврдина на локалитетот „Градиште“ кај селото Граиште во Демирхисарско, градот Алкомена се идентификува со остатоците од стара населба кај селото Бучин, односно меѓу селата Бучин и Бела Црква, во прилепскиот дел на Пелагонија. Нив ги споменуваат историчарите како Страбон, но и Аријан, кој пишува историја за Александар Македонски. Траги од оваа античка населба се наоѓаат во разни форми на рамниот дел меѓу двете села, но и на локалитетот „Кале“ кај Бучин и „Трновски Рид“ над селото Трновци. Од целиот тој простор потекнуваат голем број споменици од мермерен камен, како и други археолошки предмети, монети и сл. Археолозите, до денес, овде многу малку истражувале и затоа податоците за древната Алкомена се базираат на историските извори, случајните наоди и честите „судири“ на населението од околните села со, помалку или повеќе, фасцинантни наоди, како што се помали и поголеми скулптури и други мермерни споменици, разни фрагменти од керамички садови и сл.
АЛКОМЕНА
Според античкиот писател Страбон градот Алкомена (кај него гласи Алалкомена) бил еден од античките девриопски градови на Еригон1 (Црна Река). Племето Девриопи, според археолозите и историчарите, ја населувало областа Девриоп, која се наоѓала по горното течение на реката Еригон. Градот Алкомена се наоѓал околу 6 km западно од големиот град Стибера, на просторот меѓу денешните села Бучин и Бела Црква. Оваа античка населба, како полис, ја споменува и Стефан Византиски.2 Дека населбата, која во античкиот период егзистирала на споменатиот простор, се викала Алкомена, потврдуваат и два пронајдени натписи во селото Бела Црква на кои стои неговото име.3 Всушност, на едниот од натписите на мермерните споменици стои името на градот Алкомена, а на другиот оваа населба се нарекува коме. Фанула Папазоглу претпоставува дека населбата Алкомена во раната антика била град, додека во римскиот период станала коме на градот Стибера, односно населба во рамките на општинската заедница со центар во Стибера.4
Спомениците од античката населба кај селата Бела Црква и Бучин, меѓу првите, ги регистрирал охриѓанецот Димица. За нив пишува и археологот Никола Вулиќ. Кај јцата се регистрирани неколку мермерни споменици. Една мермерна плоча со подолг натпис, на кој се споменува и името на градот Алкомена, се наоѓа вградена во црквата во селото Бела Црква.5 Натписот го препишал Димица, а од него го пренесува и Никола Вулиќ. Во ѕидот од црквата во Бела Црква се вградени уште два мермерни споменици, со натпис од кои на едниот, исто така, се споменува населбата Алкомена. Интересно е дека на двата натписи на кои се споменува името на населбата Алкомена се споменува и името на врховниот бог од антиката Ѕевс. На овие натписи се работи за Ѕевс Агорајо што, односно, Ѕевс заштитникот на Собранието (Агората). Интересно е дека кај селото Плетвар, североисточно од Прилеп, среќаваме претстава на овој бог на една карпа на која е изработен во релјеф во помала ниша, а под неа стои натпис посветен на богот.6 Фактот дека Ѕевс Агорајо се среќава и на други места низ областа Пелагонија, особено на натписи, укажува на големото почитување на овој култ од жителите на областа.
Дека Алкомена бил значен и голем град во антиката, потврда можат да бидат и информациите кои потекнуваат од поблиските и подалечните села според кои разни споменици од античкиот период потекнувале токму од овој град. Некои од нив отишле и подалеку од локалитетот на кој бил поставен градот. Така, за две надгробни плочи со човечки фигури во релјеф, кои се наоѓаат во црквите Св. Димитрија и Св. Никола во селото Кривогаштани,7 се вели дека потекнуваат од Бучин, околу десет километри подалеку. Од Бучин потекнува и една маска од глина, која е пронајдена од некој жител на селото кога од неговата нива исфрлил цела запрежна кола таков материјал.8
Освен регистрираните споменици кои се остатоци од градот Алкомена, меѓу жителите често се споменуваат разни наоди, особено на мермерни споменици, меѓу кои и скулптури, но нивната судбина е неизвесна и најчесто не е познато во чии раце завршуваат. Вакви споменици, како и остатоци од темели од старите градби на Алкомена, жителите на двете села, Бучин и Бела Црква, често среќаваат при обработката на нивите. Во селото Бучин, на Црна Река се наоѓа и еден стар мост од камен, кој веројатно е остаток од времето на големата градска населба. Слични остатоци можат да се констатираат и на други места, на просторот на кој бил расположен Алкомена. Денешното село Бучин, иако без некогашниот градски сјај, сепак го продолжува древното патешествие на овој значаен антички град.
ПЕЈТОН ОД АЛКОМЕНА, ОФИЦЕР ВО ВОЈСКАТА НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ
Кај еден најцитираните антички писатели, Аријан од градот Никомедија во Битинија, во неговата книга Александровата војна (Анабаза) се споменува и еден офицер од војската на Александар Македонски, Пејтон алкоменеецот.9 Иако не е утврдено со сигурност дали тој потекнува токму од градот Алкомена, кој се наоѓал на просторот на селата Бела Црква и Бучин, веројатноста е голема. Кај Аријан се споменува Пејтон како син на Кратева. Овде постои дилема дали Пејтон од списокот на офицерите на Александар, кој го прави Аријан, не е од еден друг град со име Алалкомена од областа Тимфаја. Со оглед на фактот дека Тимфаја се наоѓа на границата меѓу Македонија и Тесалија и дека често ги менувала господарите, а Пејтон е определен од Аријан како Македонец, веројатноста дека овој офицер на Александар потекнува од Алкомена на реката Еригон е поголема. Се разбира, потврдувањето на овој факт е од големо значење и археолозите и историчарите би требало да му посветат поголемо внимание. На списокот на Аријан покрај синот на Кратева, Пејтон, се споменуваат и Атал, синот на Андроменеј од Стимфаја, како и други офицери од повеќе градови на Македонија.10 За Фанула Папазоглу веројатноста дека Пејтон потекнувал од градот Алкомена од областа Девриоп е голема, а потврдувањето на овој факт ќе значи и потврда дека оваа населба во тоа време претставувала полис (град), додека во римско време таа е претворена во коме на градот Стибера.
На ридот од југоисточната страна на селото Бучин се наоѓаат извонредно големи количества остатоци од керамика, градежен шут и други археолошки траги од античкиот период. Тука има остатоци од стара тврдина, остатоци од разни градби од камен и сл. Тоа укажува на фактот дека највисокиот дел од ридот бил утврден и располагал со градби во внатрешноста на тврдината и надвор од неа. Источно од бучинското „Кале“, се наоѓа уште еден рид со помала површина на највисокиот дел на кој, исто така, има остатоци од утврдување. Овој рид се надвисува над селото Трновци, кое се наоѓа во неговото подножје на работ на Пелагониската рамнина. По сè изгледа дека античкиот град Алкомена бил расположен во рамнинскиот дел меѓу селата Бучин и Бела Црква, а продолжувал и на возвишенијата „Кале“ кај Бучин и „Трновски Рид“ кај Трновци. Како што истакнува археологот Никола Вулиќ, еден од жителите на селото Бучин, при обработката на својата нива, од неа исфрлил цела кола со цигли и грнчарски материјал.11 Дивите копачи постојано “оперираат” и на двата рида и на нивната површина често можат да се видат и големи дупки раскопани во потрагата по скриени археолошки и други богатства.