ФОН ДЕР ЛАЈЕН УВЕРУВА ДЕКА ЕУ ЌЕ СЕ ИСТУРИ ОД ПАРИ НА БАЛКАНОТ? укинување царини, олеснет транспорт, 2 милијарди евра грантови, 4 милијарди евра инвестиции…
Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен денеска во Скопје донесе конкретен План за раст за Западен Балкан со кој граѓаните и компаниите ќе можат да ги почувствуваат истите придобивки кои што ги имаат граѓаните на Европската Унија уште пред полноправното членство – рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес конференција со фон дер Лајен, на која претходеше тет-а-тет средба меѓу неа и Ковачевски, какои и билатерален состанок на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија и делегацијата на Европската Комисија.
– Претседателката Фон дер Лајен, секогаш кога е тука, доаѓа со конкретни исчекори и конкретни планови за приближување на земјата и регионот кон Европската Унија. Таа беше тука минатата година, во октомври, кога го потпишавме договорот со ФРОНТЕКС, првиот договор помеѓу Европската комисија и Северна Македонија на македонски јазик, кој веќе се практикува на дело.
Денес дојде за да разговараме за конкретен План за раст за Западен Балкан со кој граѓаните и компаниите ќе можат да ги почувствуваат истите придобивки кои што ги имаат граѓаните на Европската Унија уште пред полноправното членство. Овој План, ние го баравме од Европската Унија и затоа, тука, сакам да ѝ се заблагодарам на Претседателката за нејзината посветеност и нејзиниот тим кој работеа на подготовката на овој план за раст – рече Ковачевски.
Оценувајќи дека со овој План за развој двојно ќе се зголеми обемот на економијата на регионот и во земјата, а со зајакнувањето на воспоставениот регионален пазар економиите ќе пораснат за околу 10%, Ковачевски наведе делови од тој план:
– Отворање на пазарот на ЕУ за македонски производи со кои се елиминираат трговските бариери
– Ќе се зголемени опфатот на производи за бесцарински увоз и извоз
– Се скратува времето за чекање на границите
– Се намалуваат трошоците за транспорт
– Се овозможува непречено движење на услуги во делот на е-трговијата
– Се признаваат квалификациите на професионалците, и се зголемува квалитетот и на образованието
– Се намалуваат трошоците за безготовински прекугранични плаќања
– Се либерализира транспортот односно патниот сообраќај
– Се отвораат дополнителни можности за развој и учество во процесите на енергетската трансформација на Европа
– Се намалуваат цените во роаминг, и тоа и за повици и пораки, што ќе биде следниот чекор, а не само за дата трансфер.