ЈУНАЦИТЕ ОД РЕКАТА АКСИЈ (ВАРДАР) ВО МАКЕДОНИЈА ВО „ИЛИЈАДА“ ОД ХОМЕР – Македонија и Македонците во најстарите пишани уметнички дела

ЈУНАЦИТЕ ОД РЕКАТА АКСИЈ (ВАРДАР) ВО МАКЕДОНИЈА ВО „ИЛИЈАДА“ ОД ХОМЕР – Македонија и Македонците во најстарите пишани уметнички дела

Градот Троја во областа Троада во Мала Азија, своето име го носи по неговиот основач Трос. Тој, пак, е татко на Ил – уште еден митолошки епонимен јунак на Троја – според чие име овој град бил нарекуван и Илиј или Илион. Ил е и името на богот на сонцето, татко на славниот предок на Тројанците, кралот Лаомедонт и дедо на познатиот тројански крал Пријам. Троја ја нападнале Ахајците или Данајците, познати и како Аргејци. Причина за нападот е грабнувањето на убавата Елена, жена на славниот ахајски јунак и спартански крал, Менелај, брат на кралот на Микена, Агамамнон, кој е врховен заповедник на опсадата на градот Троја.

 

Акрополата на градот Троја VII, која се смета дека е од времето на Тројанската војна
Акрополата на градот Троја VII, која се смета дека е од времето на Тројанската војна

За погореизнесеното пее славниот антички поет Хомер во уште пославниот еп „Илијада“, кој е напишан пред околу 3.000 години. Авторот на овој еп, како и на уште голем број други дела, од кои, главно, е познат епот „Одисеја“, го знаеме како слепиот поет Хомер или Омир, кој како историска личност, и денес, претставува голема загатка. Епот „Илијада“ е „набиен“ со богатство од митолошки личности и митолошки настани, наспроти големиот број личности и настани поврзани со смртните претставници од времето на Тројанската војна, која траела цели десет години и, според некои стихови во самиот еп, завршила дваесетина години по грабнувањето на Елена од Спарта од страна на Парис, познат и под името Александар, еден од синовите на кралот на Троја, Пријам, од нејзиниот маж, спартанскиот крал, Менелај.

 

Ископини од градот Троја од времето на Хајнрих Шлиман
Ископини од градот Троја од времето на Хајнрих Шлиман

Префинетиот стил и високиот уметнички набој „Илијада“ од Хомер ја прави фасцинантно литературно остварување, исполнето со содржини, кои упатуваат на историските, политичките, социјалните, религиозните и културните особини на, толку, далечното време и на народите, кои живееле на просторот на Балканскиот Полуостров и Мала Азија. Таквата содржина, ва дело го вознесува до ниво на споменик, сведок и темел на осознавањето на народите, кои живееле на овие простори. Начинот на пренесување на тоа богатство од информации не го остава рамнодушен ниту обичниот читател.

Троада - областа во која се наоѓа Троја
Троада – областа во која се наоѓа Троја

Меѓу мноштвото војски кои учествувале на двете страни на Тројанската војна, односно во битката за градот Троја, за кои Хомер пее во Втората песна обележана како „Рапсодија Бета“ и насловена како „Сениште. Бунт. Бојотија или список на корабите“, во стиха говори за Пајонците, кои потекнуваат од реката Аксиј (Вардар).

А криволаките Пајонци пак си ги водел Пирајхме,

Одскраја од Амидόн, од широкострујниот Аксиј,

Аксиј што прекрасна вода по земја разлева ширум,

……………………………………………………..

Стиховите се наоѓаат при крајот на песната означени со броевите 848 – 850. Освен Пајонците, кои се народ кој живеел на просторот на денешна Македонија, по долината на реката Вардар, Хомер го споменува и нивниот водач Пирајхме, како и градот од кој доаѓал, Амидон. Пајонците ги опишува како криволаки, што значи дека носеле криви лакови, а реката покрај која живееле ја опишува како широка, нарекувајќи ја „широкострујна“, која „прекрасна вода … разлева ширум“.

Реката Вардар (Аксиј) кај Демир Капија
Реката Вардар (Аксиј) кај Демир Капија

Уште на едно место во „Илијада“, Хомер Пајонците ги поврзува со фактот дека тие носеле криви лакови. Тоа се среќава во стиховите под број 428 и 429 во песната под број X обележана како „Рапсодија Капа“ и под наслов „Долонеја“. Во овие стихови, во раскажувањето на јунакот Долон, син на Егмед, кој бил на страната на Ахајците, се среќава:

Јас ќе ти искажам тебе по правина соосем за ова.

Крај море Карците се и Пајонците с′кривите лакои,

……………………………………………….

На тој начин, во својата „Илијада“, Хомер (Омир) пее и за Пајноците како активни учесници во Тројанската војна, кои се вешти во воената техника и добро опремени со оружје, кое знаат да го употребат. Нивните водачи, пак, се потомци на божествени родители што може да се види од пеењето дека тие потекнуваат од „широкострујниот“ Аксиј (реката Вардар), односно, реката претставена како божество. Пајонците се во првите редови во одбраната на градот Троја, рамо до рамо со најдобрите јунаци – Тројанци, Дарданци, Ликијци, Карци и др. На тој начин, тие постојано се изложени на погибија од оружјето на Ахајците, кои по секоја цена решиле да ги срушат цврстите бедеми на древниот град Троја.

ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Најавете се директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа