КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ПУСТЕЦ ДО МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА: НЕ СЕ ДЕЛЕТЕ ОД НАЦИОНАЛНОТО ТКИВО МАСОВНО ПОПИШЕТЕ СЕ МАКЕДОНЦИ
Двајцата познати активисти за правата на Македонците во Албанија, Панди Јани од Пустец, Мала Преспа и Едмонд Османи, од Требиште, Голо Брдо, побараа од Македонците во оваа земја, пред престојниот попис на населението и домаќинствата, што почнува в понеделник да не потклекнуваат под никаков притисок и да се изјаснат она што единствено се-Македонци.
– Го повикувам својот македонски народ да не потклекнува под никаков притисок и да не се дели од неговото македонско ткиво. Ние сме биле, сме и ќе останеме Македонци и покрај обидите на Бугарија да не прикаже како нешто што не сме. Со векови сме на овие простори како Македонци и тоа и ќе останеме. На моите драги Македонци, каде и да живеат во Република Албанија, им порачувам слободно да се изјаснат на прашањата за етничката, јазичната и религиска припадност. Да издржиме сите заедно, да не се делиме и да докажеме дека сме она што и навистина сме -Македонци, изјави за МИА, Јани, претседател на огранокот на Партијата на слободата, на поранешниот албански претседател Илир Мета, кој често ја посетуваше Преспа и се среќаваше со, како што редовно ја нарекува, прекрасната македонска заедница.
Јани, кој беше кандидат за градоначалник на Пустец на последните избори во мај годинава, вели дека местото редовно го посетуваат бугарски емисари, но оти и покрај она што го подаруваат на „некои продадени души“ нема да постигнат ништо.
Едмонд Османи, потпретседател на единствената македонска партија во оваа земја, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и прв човек на адинистративната единица Требиште, соседна на Острени, каде што пред два дена престојуваше бугарската потпретседателка Илијана Јотова, придружувана од бугарски универзитетски професори и академици, вели дека вакви посети се редовни, но „попусто бараат Бугари“ зашто „ние сме Македонци и ништо друго“.