По долги натегања објавен е текстот на нацрт-амандманите кој треба да влезе во преамбулата на уставот. Иако најгорливиот проблем и најмногу врева предизвикува влез на бугарскиот народ, истиот содржи неколку дополнителни народности меѓу кои хрватите, црногорците и словенците. Малку зачудувачки но гледано историски грците биле присутни на овие простори повеќе од 50% од народностите кои ќе бидат споменати во уставот, дополнително грчката дипломатија барем изминатите децении никогаш не покренала вакво прашање или пак било каква поголема активност во однос на грчкото население во државава.
Изминативе над 100 години грчката Држава се соочи со многу предизвици пa можеби од таму потекнува изворот што Грција води тивка дипломатија и се однесува не толку заинтересирано за случувањата кај своите соседи, што не е случај со останатите комшии. Со оглед на тоа што 15% од БДП во Грција доаѓаат од туризмот, траба да и биде важна нашата Држава како фактор на стабилност, затоа што цела Европа која ја посетува Грција треба во најголем дел да помине преку нашата територија.
За волја на вистината, славо-македонците како што ќе ги нарече Метаксас жителите кои ги затекнал по егејските села и градови кои биле староседелци и не го знаеле грчкиот јазик, се едни од најлојалните на грчката Држава кои никогаш, ама баш никогаш не направиле било каков проблем или тензија што би ја разнишало безбедноста на регионот по договорот од Букурешт во 1913. Не само што се лојални на државата туку учствувале доброволно во состав на грчката армија на многу од фронтовите во двете големи војна. Кога се ослободувал Солун од бугарите во првата светска војна, оние кои ги нарекувате скопјанос (епитет кој е навредлив за нас) биле во првите борбени линии на грчката армија, кога влегле италианските фашисти и албанските балисти во северозападниот дел, повторно славомакедонците со многу жртви учествувале во ослободувањето. Граѓанската војна да не ја спомнувам, настрадале и мајки и деца од сите завојувани страни.
Согласно ова што го пишувам погоре, во име на сите историски премрежија кои ги имаме поминато, сега кога кај вашиот северен сосед надвиснале пропаганди од сите страни, Грција мора да се вклучи поактивно, да биде сојузник и да помоглне на овој народ тука. Доколку кај нас се разбија хегемонијата на македонците, народ кој е кроток и мирен и мнозинството не ги смета грците за непријатели, (тоа е огромна пропагандна лага на одредени центри на моќ, политичари, или здруженија кои гравитираат во двете држави), ке имате големи проблеми со тие кои целат да го разбијат мирот во нашата Држава.
Доста паѓате не фори на неколку изолирани национал-шовинисти кои го трујат грчкиот народ, ние не ви сме непријатели, туку од неколку факти што ги напишав погоре треба да не гледате како браќа. Користење на изрази како вулгари и скопјани, во прилог оди само на бугарската пропаганда, чии националисти во среде Софија ви урлаат дека Македонија е бугарска, каде е грчката реакција на тоа? Крушево, Битола останатите градови каде живееле илјадници доселеници од Грција, власите моите баби и дедовци по таткова линија кои ја прифатиле грчката патријаршија бугари ли беа? Александрос Сволос, влав од Крушево кој учествувал во креирање на грчкиот устав, бугарин ли беше? Илјадници бегалци и македонци и власи кои се преселиле низ Грција за време на илинденскиот бунд што се?
Неколку националистички здруженија кренаа фама затоа што ќе се отворал македонски центар во Лерин каде ќе се учи македонски јазик. Со промената на неколку генерации веќе оние што порано биле славо-македонци сега имаат нов идентитет, се нарекуваат грчки-македонци и тоа го знаaт грчките власти затоа не се крева голема фама кога низ леринските села има собиранки и панаѓури каде се играат ора и се пеат македонски песни, што пак од друга страна го злоупотребуваат и го користат македонските политичари кои на грбот на овие луѓе печалат политички поени. Секој оној што присуствувал на овие седенки знае дека 90 % од развеселените грчки македонци, не го знаат македонскиот јазик и Македонија ја прифаќаат само како дел од Грција и затоа во овој центар нема да има голема заинтересираност и прашање е дали воопшто ќе се користи што од друга страна е лошо и за Грција, затоа што со следните генерации целосно ќе се загуби една прекрасна традиција и дијалект кој го има само на егејот. Од друга стран сте чуле ли дека во Крушево и Битола во неколку паралелки се учи грчки јазик? Знаете ли колку грчки програми и студиска размена користат децата кои го учат? Ви кажале ли дека Ванизелос испечатил буквар абецедар во илјадници примероци за да покаже пред европската јавност дека се грижи за малцинствата односно славо-македонците? Ги имате ли видено писмата на Павлос Мелас кој го сметате за еден од најголемите херои на Грција што ги испратил до неговата вереница кога роварел по костурските села? Знаете ли дека вашиот херој Мелас е жртва на Владиката Каравангелис? Го ангажирал како повратник од Париз во регион каде што никогаш не стапнал и воопшто не го познавал. Кога Мелас ќе пристигне во дел од костурските села ќе напише писмо до неговата вереница, ќе се обидам да го цитирам “Во овие места каде што дојдов, речиси и воопшто никој да не знае грчки јазик” и тоа било причината што е ликвидиран за толку кратко време, турците имале цела шпиунска мрежа а го застрелале додека се шетал во дворот по лажна дојава дека се работи за Митре Влавот.
Мегало идејата на Ванизелос (Μεγάλη Ιδέα)
Големата идеја на Венизелос е она што ги плаши пропагандите кои како орли висат над главата на Македонија (кај нас) затоа и грчкиот народ не е вклучен и не се дел од уставните измени. Според првичната мапа која ја бележел Ванизелос, освен цел Епир, Петрич и Мала Азија, во егејскиот дел во склоп на таа голема идеја треба да влезе цела Пелагонија, заедно со југозападниот регион а тоа ги вклучува градовите Битола, Прилеп, Крушево, Ресен, Струга, Охрид, Кичево… и тука ги боли забот, посебно политичарите од албанскиот блок во Македонија. Заради оваа идеја настанува грчко-турската војна која резултира со огромни жртви, размена на население, погром и геноцид врз грчкиот народ каков што не е виден во поновата историја. Инаку Мала Азија е срцето на Грчката држава, таму се родени бројни философи: Хераклит,Талес, Теон.., таму е сржта на грчката традиција, таму се наоѓа патриаршиската престолнина, градовите Адрианополи (Едрене), Смирна (Измир), Кушадаси и бројни прекрасни места. Владиката Каравангелис како карма на се што правел врз словенското население во костурско, ќе почине во Мала Азија гледајки го погромот на грчкото население. Во северниот дел на Епир и Петричко кои Грција ги добива како резултат на поразот на Бугарија во првата светска војна, односно Епир по ослободувањето од османлиското царство, Грција по големит шок во грчко-турската војна ќе загуби дел и од овие територии и тој период е најтешкиот во историјата во кој се соочуваат со огромни превирања, економска криза, глад и се принудени да преговараат со Ататурк. По ова таткото на Големата Идеја, Ванизелос, избегал од Грција и после соочувањето со многу обиди за атентати починал во Париз.
По период на грчко турската војна и егзилот на Ванзизелос, со посредство на ОН се случува размена на население на верска основа меѓу Грција и Турција каде стотици илјади муслимани се заменети со стотици илјади турски христијани познати како Пондии и истите се доселени воглавно во Егејска Македонија во селата со доминантно словенско население со цел да се разбие автохтоноста, инаку историски па и денес славомакедонското населениие со пондиите се во постојани конфликти.
Во 1975 по налетот на хунтата на Пападопулос подржана од САД, конечно се руши грчката монархија и со наместен референдум Грција е прогласена за Република. По падот на Кралот следува период на демократизација, државата ќе влезе во европското семејство во 1981 и конечно по децениските војни ќе завладее период на хармонија.
И за крај да завршам. Сега кога нашата Држава повторно по 120 години се соочува со насилнички пропаганди, неопходен ни е сојуз со Грција и подигнување на партнерството на едно повисоко ниво. Потребни е зголемување на бројот на грчки инвестиции, меѓуопштински соработки, формирање на македонско-грчки пријателства, образовни програми и многу други проекти. Историјата секогаш има повеќе извори и никогаш нема да се убедиме кој бил во праве. Време е да ги закопаме секирите и да отвориме едно ново поглавје.
Љупчо Маркоски