Коцарев со повик до Македонците! НЕ СМЕЕМЕ ДА ДОЗВОЛИМЕ НОВО ЗЛОСТОРСТВО ВРЗ МАКЕДОНЦИТЕ И Да не го заборавиме никогаш егзодусот на децата-бегалци од Егејска Македонија во 1948 година и културниот геноцид во 2018 година
„Да не го заборавиме никогаш егзодусот на децата-бегалци од Егејска Македонија во 1948 година и културниот геноцид во 2018 година. Но, и да не дозволиме ново злосторство од немерливи размери врз македонскиот народ во неговата татковина Македонија! Ние треба да се прашаме: дали ЕУ воопшто размислува за проширување? Треба и да им кажеме решително „НЕ“ на многубројните надворешни и домашни користољубиви политичарчиња, на ситните души, кои за разни ветувања и грст долари продадоа и предадоа сè што е македонско. Порачувам: да не ги забораваме настаните во минатото и да дејствуваме сега!“ – вели претседателот на Македонската академија на науки и уметности Љупчо Коцарев во својата колумна со наслов „Да не заборавиме, да паметиме и да дејствуваме“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Коцарев пишува: Оваа година се навршуваат 75 години од прогонот на македонските деца од егејскиот дел на Македонија, па затоа денеска, на 20 јуни – Меѓународниот ден на бегалците, востановен од Обединетите Нации, не треба да ги заборавиме и треба да се потсетиме на децата–бегалци од Егејска Македонија.
Во продолжение, ви ја пренесуваме колумната во целост:
На 17 јуни на границата меѓу Чешка и Полска беа поставени 20.000 црвени стапалки по повод 75 години од прогонот на македонските деца од егејскиот дел на Македонија. На секоја стапалка беа испишани името и презимето на протераното дете, заедно со македонскиот топоним на неговото село или град од Егејска Македонија… Да не заборавиме на напалм-бомбите со кои Егејска Македонија, во 1948 година, беше претворена во пепел.
Но, денес не треба да се заборави ниту Договорот со Грција, со којшто се изврши културен геноцид над Македонците од Егејот. Откажувајќи се од Македонците од Егејска Македонија, Македонија како држава, всушност, се откажа и од Македонците во Република Македонија. Па затоа, не треба да ги заборавиме, никогаш и за навек, туѓите, наметнатите однадвор, но уште повеќе и сопствените понижувања.
Токму од овие причини денес одбележуваме два настана за незаборав: депортацијата на над 38 илјади дечиња во 1948 година од Егејска Македонија и понижувачкиот договор со Грција од 2018 година. Но луѓето сè повеќе забораваат, не паметат. Во деновите и месеците, што доаѓаат во оваа година нам најмногу ќе ни бидат потребни трошка ум и длабоко паметење, со срцата и во срцата.
Ум, за да им кажеме решително „НЕ“ на многубројните надворешни и домашни користољубиви политичарчиња, на ситните души што за разни ветувања и грст долари продадоа и предадоа сè што е македонско. Паметење, за да ги паметиме сите неправди, физичките – егзодусот на децата бегалци од Егејска Македонија во 1948 година, и духовните – културниот геноцид во 2018 година.
На македонските граѓани и на македонските политичари би сакал да им укажам на две работи. Во однос на проширувањето можеби треба да се прашаме: дали ЕУ воопшто размислува за проширување? Примерот со Црна Гора треба да нè подучи: Црна Гора почна со пристапните преговори во 2012 година и досега само три поглавја се привремено затворени. Бугарија почна со преговорите во март 2000 година, а Договорот за пристапување го потпиша во април 2005 година.
Временскиот период за влез на балканските држави во ЕУ e растеглива категорија: пет години од почеток на преговорите до потпишување на пристапниот договор и повеќе од десет години за привремено затворање на три од 35 поглавја.
Државите имаат две клучни карактеристики: се создаваат во точно определен временски момент и претставуваат организиран политички систем со суверенитет над определен простор. За разлика од државите, јазиците немаат точно определени просторни и временски граници, па, така, зборуваме за просторно-временски јазичен континуум. Значи, за разлика од државите кои се формираат во точно определено време и имаат точно дефиниран суверенитет на определен простор, јазиците се формираат во период од неколку стотини години, многу пред формирањето на државите, и не познаваат граници.
Со терминот држава е поврзан и терминот „литературен, државен, стандардизиран или национален јазик“ – поим што се формира во точно определено време и важи на определен простор. Македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет, како, и сите други јазици. Во врска со тоа недвосмислено се искажале врвни светски лингвисти и слависти. За тоа постојат голем број докази.
Историјата на македонскиот јазик подразбира просторно-временски континуитет, кој, условно, може да се подели на девет периода: од канонскиот период од 9 до 11 век, преку четвртиот период, почетокот на периодот на појавата на македонскиот книжевен јазик (или појавата на т.н. дамаскини) во 16 век, и осмиот период – првата стандардизација на современиот македонски јазик (со дејноста на Мисирков од 1903 г.), до последниот, деветтиот период, периодот на конечна стандардизација на македонскиот јазик (во 1944 и 1945 г.).
„Не треба да расправаме дали постои македонскиот јазик“ – ова се празни зборови. Државите, вклучувајќи ја и Бугарија, го признаваат постоењето само на литературниот, државниот македонски јазик, но Бугарија не го признава постоењето на просторно-временскиот македонски јазичен континуум.
За тоа сведочи официјалниот став на Владата на Република Бугарија: „Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република * Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и на неговите дијалекти во поранешната југословенска република, по нивната кодификација во 1944 година“. Бугарија никогаш нема да го смени овој став.
Република Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ не на денот кога ќе почнат пристапните преговори, не на денот кога ќе се потпише договорот за пристапување на Република Македонија во ЕУ, туку на денот кога сите членки на ЕУ, па, така, и Бугарија, ќе го ратификуваат договорот за пристапување.
Затоа им порачувам на македонските политичари да не заборават никогаш на македонскиот просторно-временски јазичен континуум.
Договорите со Грција и со Бугарија праќаат невистинита и бесмислена порака: Македонците се народ без корен, кои постојат од 1945 година, само во границите на денешна Република Македонија. Меѓутоа, ние, Македонците, сме народ со милениумска култура и историја, а Македонија претставува колепка на словенската писменост и култура.
Токму таа писменост и култура го претставуваат идентитетскиот столб на македонскиот народ. Оној што се обидува да го разниша, што го погазува просторно-временскиот јазичен континуум, кој ја ништи македонската култура, кој ги продава за ситни, лични интереси, ќе стори вистинско злосторство од немерливи размери и којзнае по кој пат ќе се повтори егзодусот над Македонците, овој пат – духовен и во границите на единствената нивна татковина.
Затоа, уште еднаш порачувам: да не забораваме, да паметиме и да дејствуваме!