Каква порака испраќа карикатурата од 1903 година од американското списание, за Македонците и Македонија
Во архивите на Соединетите Американски Држави има голем број историски документи што фрлаат дополнително светло врз историските настани од минатото на македонскиот народ и Македонија. Спомената архивска граѓа е особено значајна, ако се земе предвид дека историското минато на Македонците се прикажува врз основа на неутрална призма и без надворешни влијанија или затскриени агенди. Во овој контекст е и карикатурата објавена од американскиот хумористичен магазин „Пук“. Карикатурата е објавена на 6 октомври 1903 година, на насловната страница на споменатиот магазин, во текот на Илинденското востание во Македонија, како и дворските игри на големите сили и балканските држави, вклучувајќи и на Бугарија, околу македонското востаничко движење. Карикатурата досега не е објавена во ниеден историски или научен труд, ниту пак во некој од македонските медиуми. Со намера да го објасниме значењето на карикатурата се консултиравме со д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, чија специјалност е македонското револуционерно движење од крајот на 19 век, но и за ставовите на големите сили и балканските држави околу т.н. македонско прашање.
Карикатурата прикажува куклар што е именуван „Русија“, со марионети именувани „Бугарија“ и „Македонија“ вклучени во борба со меч. „Бугарија“ е пред чин на отсекување на главата на „Македонија“, која го испушта мечот. На левата страна висат три кукли именувани „Румелија“, „Србија“ и „Романија“. Според Ванчо Ѓорѓиев, на карикатурата се претставени надворешните замешателства околу Илинденското востание, односно дипломатските активности на големите сили, тука предничеле царска Русија и Австроунгарија, како дејствата на балканските држави, каде што предничи кнежеството Бугарија. Карикатурата настанува непосредно пред завршувањето на Илинденското востание, а авторот или авторите на карикатурата биле добро запознаени со настаните во Македонија, како и со надворешните замешателства. Карикатурата на вешт начин го доловува духот на историскиот момент, односно намерите на големите сили да си ги остварат сопствените интереси, како и манипулациите на великобугаризмот на штета на Македонија и македонскиот народ.
Во карикатура, делот каде што „Бугарија“ се обидува да ѝ ја отсече главата на „Македонија“, всушност се однесува на бугарските дипломатски активности, како и нејзината дволична улога околу востаничкото движење во Македонија во 1902 и 1903 година. Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, секоја бугарска влада настојува да ја присвои Македонија и честопати бугарските кругови манипулирале со терминот автономна Македонија, односно настојувале Македонија да добие автономија и потоа да се приклучи кон бугарската држава. За да ја оствари оваа цел, великобугарската политичка елита презема одредени активности што се поддржани од бугарските влади и од кнезот Фердинанд. Овие активности биле насочени кон вештачки инсценирани востанички движења во Македонија, како што е т.н. Горноџумајско востание од септември 1902 година.