„Од ова племе не бидува државотворна нација. Се хистеризира околу бугаризацијата на Македонија и со тоа се спречува патот на државава кон ЕУ и развиениот свет. Само народ што има сомнеж во својот идентитет и не е сигурен во него може да се плаши дека некој денес ќе му го смени тој идентитет при сопствена, суверена, самостојна и независна држава. Имаме ли мозок, што тоа го правиме и го велиме?“ – вели политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски во својата колумна со наслов „Молдавија на Балканот“, која ја објави весникот „Слободен печат“.

 

Покрај другото, Атанасоски пишува: Неверојатно е толку да се расправа за влезот на бугарското малцинство во Уставот, како предуслов без кој не се може да почнат преговорите со ЕУ, кои треба да значат подобрување на неподносливото општествено живеење. Како „пијан за плот“ сме се фатиле на темата „бугаризација“ на Македонија и како ќе нè одмакедончеле, ќе не бугаризирале, ќе ни го сменеле идентитетот и не знам веќе какви слични бесмислици и карикатурални работи ќе ни направеле, за кои обичен човек не смее да ги помисли при здрав памет, не пак како политичар, аналитичар или новинар, вие да ги трескате во национален етер.

Само народ што има сомнеж во својот идентитет и не е сигурен во него може да се плаши дека некој денес ќе му го смени тој идентитет при сопствена, суверена, самостојна и независна држава. Та нели се фалиме дека сме преживеале пет века турско и оти сме опстоиле свои на своето, без официјализиран јазик, без своја црква, без свои државни институции, а сега плачеме над сопствената судбина дека ќе нè избришале.

Јас ја разбирам потребата на посткомунистичките мршојадци, денес ултранационалисти, да прават сè оваа држава да не влезе во Европската Унија, и да стане пристојно место за живеење за сите свои граѓани, бидејќи така ќе ги загубат привилегиите, државните функции, но не можам да ја разберам потребата на некои аналитичари и новинари, кои ги сметам дека се при здрав разум, да се впрегнати во ширење на хистеризацијата околу бугаризацијата на Македонија, и со тоа (не)свесно спречуваат продолжување на патот на државава кон ЕУ и развиениот свет и ја држат да биде „последната караула на српскиот свет“ (И. Величковски).

Знаете ли, бе, што е најголемиот пораз, срам и унижение за оваа држава, овој народ? Се крие во реченицата на универзитетскиот професор по политички студии од универзитетот Синсинати во САД, по баба кукушанецот, Бугаринот Иван Динев Иванов, кој на дебата на една национална телевизија со еден наш познат политички аналитичар му кажа: „По распадот на комунистичкиот лагер во цела Источна Европа, вие (Македонија) имавте 1,8:1 повисок бруто-домашен производ по глава на жител во однос на нас (Бугарија). Денес ние (Бугарија), по повеќе од триесет години имаме двојно поголем (2:1) бруто-домашен производ по глава на жител од вас (Македонија)“.

Што значи за цели три децении на општествениот, економскиот и животностандарниот развој, нашите мили Бугари не само што нè престигнале, туку и нè претркале во развојот и сега по сите официјални светски параметри  се двојно побогати од нас како нација/граѓани. Па нели е ова доволен доказ да земеме колективно да се самоутепаме, да се скриеме во некоја пештера, на северен или јужен пол, во вселената или во друга галаксија, бидејќи не постои поголем пораз и национален срам од ова?

Па, што правеа тогаш нашите „политички елити“ во  овие три децении освен што крадеа, корумпираа, манипулираа со емоционалните чувства на граѓаните за најсензитивните  национални прашања (проблемот со уставното име со Грција, идентитетско-историските проблеми со Бугарија и прашањето на уредувањето на меѓуетничките односи со сограѓаните Албанци) и од тоа печалеа избори?

Додека хистеризираме и како ненормални за в лудница се расправаме за штетноста од договорите со „Бехтел и Енка“ и дали има корупција во предвидениот најголем инфраструктурен проект од независноста до денес кај нас, ризикуваме и понатаму да останеме слепо црево, кое ќе го заобиколуваат, наместо автопатска меѓународна раскрсница каде што ќе се пресекуваат меѓународните коридори 10 и 8 токму низ нашите градови, долини и полиња.

Ризикуваме да завршиме како „Молдавија на Балканот“. Последната дупка на најсиромашниот регион во Европа. Од најутепаните, ние најутепани да бидеме. Не, не ми се плаче, ми се рика во планина, од дното на душата. Проклетници, до кое дереџе нè доведовте!