Ние не можеме да бидеме заложници на некој што сака. Очигледно, Бугарија моментно се обидува да не уценува. Дали ние ќе бидеме жртва на уцена, тоа е наша работа. Меѓутоа, еве јас како историчар најодговорно тврдам дека нема апсолутно никаква потреба и никаква наша обврска ние да прифатиме нечија уцена. Знаете, има држави во кои уценувањето се казнува многу построго и од убиство.

 

Ова во интервју за „Република“ го вели проф.д-р Катерина Тодороска, од Институтот за национална историја, која важи за исклучителен познавач на македонската историја, чија специјалност се македонско-албанските односи во историски контекст, но пред се е бескомпромисен борец во борбата против доминацијата на политиката во историската наука. Разговорот со проф.Тодороска го водевме спроти чествувањето на 120-годишнината од погибијата на македонската револуционерна икона Гоце Делчев.

-Тоа што јас сакам да го кажам е дека Гоце Делчев не може да се слави заеднички. Тие можат да повелат кога сакаат како гости да го посетат неговиот гроб, може да направиме и заеднички конференции, може да работиме се, меѓутоа Гоце Делчев нема ништо со Бугарија и нема ништо со Бугарите. Така што, тој обид нам да ни се наметне нешто што апсолутно не одговара на историската вистина  ќе биде само еден показ дека ние не си ги почитуваме и не си ги цениме нашите научници, односно науката, која што 75 години во Македонија има многу сериозна и обемна продукција и ќе значи тоа дека секогаш ќе се однесуваме како вазали, притоа немајќи зошто да се однесуваме така, вели Тодороска.

За тоа што се смени во последните три месеци, од 4 февруари кога во тензична атмосфера и со силни безбедносни мерки се чествуваше роденденот на македонскиот великан, проф.Тодороска е децидна:

-Бугарите сфатија дека настапуваат премногу агресивно некаде каде што воопшто немаат никаква потреба. Тоа е првата работа. Второ е што македонскиот народ веќе не толерира никој да му наметнува, никој да го малтретира со некои ставови за кои нема потреба да се дискутира. Значи, не е дискутабилно дека Гоце Делчев е роден во географска, во етничка Македонија, не е спорно дека тој се борел за Македонија како самостојна држава, никогаш не се борел за Бугарија за да го сметаме за Бугарин. Сето тоа почнува толку многу да излегува на површина со самото тоа што бугарската политика веќе внесе толку зла крв меѓу народот, нешто што никогаш го немало меѓу обичниот граѓанин, да речеме меѓу Македонците и Бугарите. Така што мислам дека се сецнаа и сфатија дека секоја понатамошна нивна агресивност ќе донесе само непријатности за бугарската држава. Ако видите дека Бугарија е таа која што има 17 судски пресуди од еминентни европски судови за признавање на македонското малцинство во Бугарија, тие сфтија дека веќе таму нема игра. Не можете вие, напаѓајќи го другиот, да добиете нешто. А, зошто го напаѓате? Затоа што немате нешто свое и се обидувате на другиот да му го одземете она што е негово. Така што мислам дека тие сфатија дека претераа, дека ја прекардашија целата работа. Историјата си го кажува своето и си стои на тоа дека е прифатлива само документацијата која што се интерпретира точно во времето кога е создадена, во времето во кое што се живеело и токму и затоа вие треба науката да ја гледате како многу сериозна, како наука одалечена од дневно-политичките случувања.