Илче Стојановски (Породин, Битолско, 21 мај 1976 – Вејце, Тетовско, 28 април 2001) бил македонски бранител, припадник на Посебната единица на СВР Битола при МВР, учесник во воениот конфликт во Македонија во 2001 година
Имаше завршено средно полициско школо и беше вработен во СВР Битола.
Според блиски пријатели и роднини, Илче беше силно, полетно момче кое ги прифаќаше сите предизвици. Се гордееше што ќе ја облечеше полициската униформа. Замина од неговото родно село Породин, носејќи ги во спомен приказните за македонските војводи, комити, илинденци и херои. Тој секое време знаеше да им раскажува на другарите, меѓу нив Марјан Божиновски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски од заедничкиот строј за хероите од минатото.
Како личност во текот на неговата служба бил мирен, тивок, голем другар и колега, без чувство некој да навреди или омаловажи . За време на војната во 2001 г. на виделина е неговата храброст и пожртвуваност која беше изненадување за колегите кои го познаваја како мирен и повлечен колега. Илче беше многу успешен и прецизен снајперист кој на свое конто имаше многу застрелани терористи заради што имаше и голема стравопочит од другата страна. Загина на 24 годишна возраст, на денешен ден 28.04.2001 г. , заедно со уште 3 други колеги полициски службеници и 4 – ца припадници од АРМ на елитната единица Волци, непотребно испратени како патрола со лесни и небезбедни возила Хамер и Лада Нива (со две врати во која беа четворица) на место каде што се знаеше дека е можно да има терористички групи, без претходно извидување на теренот и директно во устата на зверовите. До ден денес нема одговорност ниту од убијците ниту од тие што ги испратија.
Според мајката на Илче, тој и неговите другари, како елитни полицајци, постојано биле во реоните каде што се воделе најжестоките борби. Најпрво биле во Дебар, но набрзо бие повлечени оттаму и префлрени во Танушевци. Таму Илче бил 20 дена, па се вратил во Породин и 10 дена бил со своите во селото. Потоа повторно заминал во Танушевци и таму останал 15 дена, за потоа да биде префрлен во Тетово.
Според еден близок војнички другар на загинатиот полицаец Илче Стојановски, одма пред да се случи масакрот, преку брановите на радиостаницата му се јави дека се нападнати и бараше помош. Тој вели:”…му го препознав гласот и му реков на командирот да се вратиме и да им помогнеме. …Уште еднаш очајнички и беспомошно се јави гласот на Илче преку радиостаница:
„ Нема потреба повеќе да ни доаѓате во помош. Сите ќе изгинеме за Македонија… “
И радиостаницата замолкна. Смртта на Илче настанала како резултат на здобиените прострелни рани во пределот на главата и стомакот. Со кундак од пушка му е разнесена брадата а со нож му се нанесени рани на рацете и нозете. Не е докажано дали контузијата на брадата предизвикана со удари од кундак на пушка и горењето на долните екстремитети, терористите го извршиле додека бил сè уште жив или мртов. Телото од целосно изгорување го спасиле првите „тигри” што пристигнале на местото на масакрот.
Илче Стојановски посмртно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р. Македонија.