„Тетово е нашата славна и заедничка историја! Од Тетово започнаа многу големи процеси.“ – кажа претседателката на Косово Вјоса Османи-Садриу денес во текот на посетата на Тетово и средбата со неговиот градоначалник и лидер на Беса Билал Касами. „Мојата посета на * Македонија е потрдување на поддршката за евроинтегративниот процес на двете земји.“ – нагласи таа. Ова го објави ТВ Клан Македонија.
„Госпоѓо претседателке, добредојдовте во Дарданско Тетово!“ – напиша на својот фејсбук-профил градоначалникот Касами.
Изјавата на Вјоса Османи-Садриу и објавата на Касами не само што претставуваат своевидна провокација за државата Македонија, во која тие изнеле вакви ставови, туку и отвораат дилеми. Како може и во која смисла да биде Тетово, градот во државата Македонија, „заедничка и славна историја“ со Косово? Или можеби претседателката Османи-Садриу мисли на Тетово како дел од „славната и заедничка историја“ на Албанците на Балканот?
Од една страна Бугарите инсистираат дека „Македонија има заедничка историја со Бугарија“, а од друга страна, еве, денес и највисоката политичка претставничка на Косово, исто така, зборува за некаква „заедничка историја“ со еден град и еден нераскинлив дел од македонската територија и македонската држава. Или, можеби Косово и Бугарија истовремено ја подготвуваат и ја пишуваат „славната и заедничка историја“ на „своите делови“ од Македонија, по „евробугарското прекројување“ на нејзиниот устав?
По неколкуте досегашни означувања на Тетово како „главен центар на Албанците во Македонија“, што е во значенска смисла само незначително поразлично од изразот „главен град на Албанците во Македонија, Касами денес се огласи во јавноста со нов „топоним“: „Дарданско Тетово“! Албанците од Косово се повеќе го исфрлаат од официјалната употреба српскиот збор „Косово“ и го нарекуваат „Дарданија“, сметајќи се себеси како потомци на Илирите и Дарданците, а Косово како некаков центар на Дарданија.
Но, дали Билал Касами сега се надоврзува кон „новото име“ на Косово и оформил нов топоним „Дарданско Тетово“, односно „Косовско Тетово“?! Дали ова би требало да значи Тетово во некој иден географско-етнички сојуз со Косово, или не?! Дали можеби и ненадејната посета на косовскиот премиер Албин Курти на 14 април 2023 година во Тетово и средбата негова со Касами отворија некои процеси во оваа насока, или не?
Во периодот што претстои многу е сигурно дека ќе дојде до разјаснување на дилемите, кои ги отворија Вјоса Османи-Садриу и Билал Касами.