Непотпишан Македонец, емигрант во САД, во весникот „Блгарски новини” во 1905 година ги разобличува странските пропаганди во Македонија – грчка, српска и бугарска, коишто преку црквите, но и со испраќање оружени чети, фактички ги убивале Македонците. Така, Македонецот вели:
– „Србите, Грците и Бугарите нѐ уверуваат дека ни се наши браќа и дека само доброто ни го мислат. Да видиме: – од една страна, српските чети кога ќе навлезат во некое село, ги убиваат, ги измачуваат селаните и им го палат имотот, за да ги натераат да се викаат ’Срби’ и да минат под српската духовна власт. Каква полза од тоа имаме ние Македонците? Од друга страна, грчките чети ќе запалат или ќе ги утепаат повеќето селани за да ги натераат (другите) да минат под Патријаршијата. И во двата случаја, турската власт им помага во опустошувачката мисија, зашто така Македонецот се истребува.“
По Илинденското востание од 1903 г., како и врховистичката горноџумајска провокација година претходно („Цончевото востание“), се засилуваат и српската и грчката и бугарската оружена пропаганда, т.е. насилствата кон обичниот македонски народ. На Турците-Османлии тоа им одговара, па во многу случаи и ги помагаат таквите злодела кон Македонците и поделбите и раздорот меѓу самите Македонци потоа.
– „Најпосле, на секого му се познати тажните резултати на ’Цончевото востание’.* И маневрите на Бугарската влада секогаш биле себични и со цел – експлоатирање на патриотските чувства на македонската емиграција. Само едно, за жал, останува верно – Македонецот скапо ги плаќа ‘братските’ чувства. Ние имаме потреба од едно воведување такви реформи во Македонија и Одринско, коишто се потребни за нашиот живот таму да го направат поднослив. За тоа сите ние сме согласни и тоа му е потребно на секој Македонец“, вели авторот.
Освен тоа, вели, без оглед дали Македонците се под Патријаршијата, под власта на српската црква, или пак под Егзархијата, нема никаква суштествена разлика, ниту пак заслужува внимание.
– „Уште повеќе… Ако бевме и под власта на ѓаволот помалку теглила* би трпеле. Тешко е да се определи дали разорувањето од Турците е поубиствено за Македонците, или она на нашите ’браќа’ – Србите, Грците и Бугарите. Тие ги знаат нашите потреби – неодамна и тие беа под истото ропство. Зошто тогаш тие ги праќаат нивните чети од неранимајковци и ’паликарчиња’* за да нѐ убиваат, да нѐ ограбуваат и да нѐ бесчестат?“, додава неименуваниот Македонец.
Неговиот заклучок гласи: Пред сѐ, Македонците најнапред треба да се оттргнат од „овие неканети гости“, па не ќе има зошто веќе да ги трпат тие „орудија на турската влада“!
ИЗВОР: „Български новини”, бр. 6, 20 мај 1905, стр 1.
* ИВАН ЦОНЧЕВ – Бугарин, генерал во Бугарската армија, претседател на Врховниот македонски комитет во Софија и инспиратор на врховистичкото Горноџумајско востание од 1902 г.
* ТЕГЛИЛО / ТЕГЛИЛА (архаизам) – мака, страданија, секојдневните тешкотии коишто народот „ги тегне“ низ животот.
* ПАЛИКАР (архаизам) – храбар човек, јунак. ПАЛИКАРЧЕ во случајов е саркастично-циничен деминутив за борците „јунаци“ на туѓите пропаганди.
Весникот „Български новини” се издавал во САД, па написите морало да бидат печатени на признат и официјално кодифициран јазик. Во случајов, тоа се тнр. бугарски и англискиот јазик. Македонскиот јазик тогаш – на почетокот на 20. век, сѐ уште не е кодифициран и сѐ уште не е официјално меѓународно признат, така што тешко дека некој би дозволил да се пишуваат статии и да се печати и издава на неофицијален и некодифициран јазик.
Иако, во овој напис има доста типични стари македонски зборови.
Написов, сепак, морало да биде разбирлив и за Американците, и за Македонците кои не знаат англиски, француски, германски, шпански… А пак, тнр. бугарски (којшто не е турко-татарски јазик, туку сепак е словенско наречје), е поблизок до македонскиот јазик. ——/