Крсте Мисирков: “Јас, како Македонец, на прво место ги ставам интересите на мојата татковина Македонија и на моите сонародници. Јас сум Македонец, со Македонско сознание, и како таков имам свое Македонско гледиште на минатото, сегашноста и иднината” – “Македонски Национализам”
Публицистот и уредник на Надворешно-политичката редакција во Македонското радио – Радио Скопје Свето Стаменов го најави на својот фејсбук-профил најновото издание на емисијата “Радио спектар“, во која утре, на 18 март 2023 година на брановите на Македонското радио – Радио Скопје гостува м-р Свето Тоевски по повод 120 години од излегувањето на капиталната студија на македонизмот “За македонцките работи” на Крсте Петков Мисирков.
Во интервјуто за „Радио Спектар“ Свето Тоевски ја изнесува и својата дијахрониско-синхрониска концепција на интегралниот македонизам како надоврзување на „За македонцките работи“ на Мисирков.
Крсте Петков Мисирков не само што бил визионер и кодификатор на современиот литературен македонски јазик, туку и навистина ги предвидел сите проблеми, со коишто неговата татковина Македонија ќе се соочува со пропагандите во Македонија, посебно бугарската! „Бугаринот“ Мисирков во својата „За македонцките работи“ ќе го предвиди и тоа што се случува со Македонија денес и ќе каже: „Македонци! Време е да се убедиме оти лошиот демон за Македонија не е никој друг освен Бугарија. Ете зошто час поскоро треба да си ги одделиме нашите интереси од бугарските. Тоа го бара од нас благоразумноста.“
Овој став на Мисирков е многу јасна и прецизна порака што треба да сторат Македонците денес во однос на сите жестоки притисоци да се смени Уставот на Македонија: дека мора да се каже цврстото и непоколебливо МАКЕДОНСКО НАРОДНО НЕ!
Пред половина век македонскиот поет Гане Тодоровски ја создаде најкратката национална програма во светот. Во еден збор: Македонствување. Пред 120 години и Крсте Мисирков во „За македонцките работи“ го искажа својот поглед за македонствувањето, сфатено како возобновување и чување на македонското име, на македонскиот етнојазичен идентитет, традиции и култура, на македонскиот дух и на македонската држава.
„За македонцките работи“ е завештание и аманет дека ова македонско поколение мора неотстапно и решително веднаш да започне да македонствува во одбраната на својот идентитет, на својата национална чест и достоинство.
Ристо Солунчев од Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ укажува дека „За македонцките работи“ не е само дело, во кое македонизмот се третира како „историја на слободата на македонскиот народ“, туку оти е и „поимно згуснување на македонизмот сфатен како слободен акт на самосвеста“.
„За македонцките работи“ се моќен повик до македонскиот народ денес да ја отфрли малодушноста и со сплотени сили да си ја поврати својата слобода, да ја искаже уште еднаш сопствената македонска самосвест, во овие мигови кога тој македонски народ го нарекуваат „Православен народ од * Македонија“ и кога слетаа мршојадите од евроатланските височини, во очекување со отворањето на Уставот македонската држава да ја снема и потоа конечно да почне „територијалната гозба“: како што се случи во 1913 година со „Букурешкиот договор“, кога беше распарчена единствената етнојазична територија на македонскиот народ.