БЕЛОРУСИЈА ВОВЕДУВА СМРТНА КАЗНА ЗА ПРЕДАВСТВО: Се однесува на владини претставници и припадници на војската кои предизвикуваат „ненадоместлива штета“
Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска потпиша закон со кој се воведува смртна казна за државни функционери и припадници на војската осудени за велепредавство.
Измената на Кривичниот законик одобрен од Лукашенко предвидува смртна казна за функционери и војници кои „дело на велепредавство“ предизвикале „ненадоместлива штета“ на националната безбедност на Белорусија.
Белорусија е единствената земја во Европа која не ја забранила смртната казна, која се применува на осудените за убиства и тероризам. Егзекуциите се вршат со стрелачки вод.
Лукашенко владее со Белорусија со цврста рака речиси три децении и брутално ги задушува гласовите кои не се согласуваат со него.
Белоруските власти насилно ги задушија демонстрациите против неговиот реизбор во август 2020 година, кога беа уапсени повеќе од 35.000 луѓе, а илјадници беа претепани.
Законот потпишан од Лукашенко воведува казна за „пропагирање тероризам“, „дискрредитирање на вооружените сили и паравоените единици“ и кршење на прописите за заштита на државните тајни, при што Белорусија ги копира репресивните закони на својот главен сојузник – Русија.
Русија ја искористи територијата на Белорусија за да ја започне својата инвазија на Украина пред повеќе од една година и сè уште одржува трупи и оружје на белоруска територија.
Одобрувањето на новиот репресивен закон следи по нападот на руски воен авион во воздухопловната база во близина на главниот град на Белорусија на 26 февруари, за кој одговорност презедоа белоруските герилци. Лукашенко оваа недела изјави дека властите го уапсиле главниот осомничен, Украинец, и повеќе од 20 негови наводни соучесници.