ВЛАДИКА АГАТАНГЕЛ : Она што народот со децении го градеше, за миг го срушија Бојковци, Зорановци и Бујари! Светите Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум, Гоце Делчев се нашите народни столбови врз кои е изградено македонското национално здание

677
Мислиме дека сме сами на овој свет, дека од нас почнува историјата на светот и човештвото, па затоа со невидена леснотија газиме по традицијата и по славното минато, рушиме историја, менуваме вековни имиња, ништиме јазик и народен идентитет. Додека си мислиме дека креваме револуција, се спремаме да голтнеме од отровот кој е помешан со зашеќерен мед. Во таборот на слепите ја бараме светлата иднина. Погледнете ги нашите првенци, без разлика која област и да ја одберете, и ќе ви биде јасно со каква чума си имаме работа, вели во божикното интервју за весникот ВЕЧЕР, владиката Агатангел.
***************



06/01/2023
Актуелниот случај со Бугарија е школски пример за тоа колку политиката може нештата да ги расипе. Видовме колку е силна нејзината деструктивност, доколку е приграбена од суетни, неспособни и глуви луѓе. Проблемот се нашите властодршци, кои немаат никаков сенс за духовното здравје на македонскиот народ. Во својата сервилност и нетактичност се однесуваат како да се противници на овој народ, а не негови бранители и службеници, вели во божикното интервју за весникот ВЕЧЕР, митрополитот повардарски, владиката Агатангел. „Од овој народ земаат плата и добиваат позиции и привилегии, а штитат туѓи интереси. Истото го направија и со промената на името. Откако го понижија и го згазија македонскиот народ, откако го фрлија во колективна депресија и апатија, откако ни нанесоа долговековен срам, и откако не добија ништо од тоа што им беше ветувано, ни малку не се вразумија. Напротив, и понатаму продолжуваат да тонат од бесмислица во бесмислица. Светите Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум, Гоце Делчев се нашите народни столбови врз кои е изградено македонското национално здание. Ако еден од овие столбови биде нагризан, или не дај Боже срушен, ќе гледаме пред нашите очи невидена катастрофа со фатални последици“, вели Агатангел во интервју за весникот ВЕЧЕР. Со Владиката разговаравме на повеќе теми-духовни и мирјански, за празнувањата, за искушенијата, за регресијата на духот, но и за моменталната позиција на МПЦ-ОА во православниот свет, за секојдневните предизвици, за себедокажувањето, за идентитетот…



Елизабета АРСОСКА



-Божик, голем христијански празник, симбол на раѓањето, животот, љубовта, дарувањето… Со какви чувства го пречекувате и на кои празнични пораки ќе ги потсетите оние кои го следат патот на христијанството?
На секој православен христијанин, на сите мои драги и возљубени Македонци и Македонки, на сите граѓани во оваа наша прекрасна земја, им посакувам пред сè добро здравје и постојан мир во нивните срца. Преку воплотувањето Христово ни се дарува вистинската слобода, бидејќи не сме повеќе под јаремот на гревот и смртта. Од овој момент ништо повеќе не владее со нас. На човекот му се врати достоинството, му се даде можност да изгради вечно живеалиште во рајските населби. Преку Господ Исус Христос се надминати сите граници и ограничувања, победена е секоја несреќа и неволја, утврдена е секоја правда и вистина, дарувана е можноста за осмислен живот. Сега секоја борба со искушенијата си има своја крајна цел и оправдување. Животот не е залудно потрошено време, кое е препуштено на заборавот и исчезнувањето. Победничкиот венец, како скапоцена круна и награда, ќе биде поставена врз главата на праведникот, во чија душа засекогаш е распослана вечната утеха. За секој посветен следбеник Христов ова не е само овоземен симбол и моментална инспирација, туку е жива реалност, такт што тивко бие и правилно го наведува коработ на животот кон мирното пристаниште на Царството Божјо. Имајќи го за пример и патеводител родениот Богомладенец, да го надминеме секој страв и секоја слабост, да го утврдиме духот во нашите битија, да изградиме чист трон и блескав престол, врз кого, како добар цар и владетел, ќе заседне Синот Божји, родениот Спасител, долгоочекуваниот Месија. Христос се роди! Самиот Бог го зеде нашето тело, ја усвои нашата природа, и како човек живееше меѓу луѓето. За оваа неземна Божја љубов, секојдневно, не само денес, ќе треба да благодариме.
-За жал, сведоци сме на различни манифестирања на регресија на духот. Се чини дека границата меѓу доброто и злото се поместува…
Така е! Регресијата на духот е резултат на ерозијата на моралот. Ниту една цивилизација, па колку и да била навидум „совршена“, не преживеала, ако ја избришала границата меѓу доброто и злото. Живееме во време кога сме присилени да се бориме и да ја докажуваме нормалноста. Лажната слобода, чија девиза е „сè ми е дозволено“, на парадоксален начин го заробува и полека го поништува човекот. Сите понекогаш се чувствуваме како битија потопени во длабокото море. Колку повеќе се обидуваме да викаме и запомагаме, толку повеќе во нашите бели дробови ни влегува од солената вода. Живееме во скршена држава, скршена економија, скршено образование, скршени семејства, скршено судство, скршено е нашето срце, нашиот ум, нашата мисла, па од ваквата секаде-присутна „скршеност“ неминовно си ја прекршуваме и нашата околина, нашето непосредно општество.
Си создаваме лажни и скршени божества, енормни богатства, петминутна слава, ненаситна лакомост, кои само моментално ни даваат минливо и скршено задоволство. Вака структурирани, поточно вака накриво насадени и накалемени, без трошка совест и сомилост ги повредуваме другите. Мислиме дека сме сами на овој свет, дека од нас почнува историјата на светот и човештвото, па затоа со невидена леснотија газиме по традицијата и по славното минато, рушиме историја, менуваме вековни имиња, ништиме јазик и народен идентитет. Додека си мислиме дека креваме револуција, се спремаме да голтнеме од отровот кој е помешан со зашеќерен мед. Во таборот на слепите ја бараме светлата иднина. Погледнете ги нашите првенци, без разлика која област и да ја одберете, и ќе ви биде јасно со каква чума си имаме работа.
-Умееме ли да помагаме?
Во човечката нарав е да помага. Човекот е социјално битие, од Бога е така создаден, да општи меѓусебно и да се поврзува. Во осаменоста полека венееме и пропаѓаме. Насекаде низ земјата сè уште има добри и чесни луѓе, но проблемот е што општеството прави сè што е во негова моќ таквите да ги отстрани и занеми. Злото отсекогаш било амбициозно, без разлика на неговата докажана шкртост и тесноградост. Погледнете го Христос! Иако беше еднаков на Бога, сепак благоизволи да се роди и да живее како обичен човек. Он е Татко на секоја помош, поточно Он Самиот е помошта, бидејќи Негова природа е љубовта. Без љубов е невозможно да се има почит и грижа за другиот. Љубовта не бара ништо свое, таа е спремна да се жртвува, да дели и да се раздава.
-Каков е Вашиот став за бадникарските огнови? Како да се направи компромис меѓу верата и традицијата, фолклорот?
Не треба да се прави никаков компромис, верата не е спротивставена на традицијата и на фолклорот. Напротив, таа како нивни верен чувар, постојано со добри и корисни содржини ги надградува и збогатува. Верата е истовремено и коректор на застранетоста, таа пази да не влезе гладниот волк во трлото и да ги растргне и распрсне сите добри древни навики. Точно е дека верата си има свој ред и поредок, свои утврдени догми, канони и правила, но не можеме од обичниот народ, од обичните добри домаќини, да очекуваме дека ќе бидат експерти за сите верски прашања. Народот преку разни обичаи, на свој начин си ја манифестира радоста од празникот. Така е и за Бадник, на овој ден во македонските православни семејства се пеат соодветни и пристојни стари песни, кои за жал полека како да се забораваат. Бадникарските огнови си имаат своја смисла само ако се однесуваме пристојно, ако не се претерува со јадење, пиење и пирување до самозаборав. Никогаш не смееме да го скренеме нашето внимание од суштината на празникот, бидејќи тогаш се обесмислуваат нештата, радоста се разводнува и се претвора во празна тага, која како таква неминовно ќе си ја однесеме во нашите домови. Наместо радост, во нашите срца ќе се посади жалост и потиштеност. Не постои народ кој нема своја традиција во однос на верските празници. Бидејќи се наоѓаме во процес на глобализација, неминовно се мешаат разни традиции една со друга, па за жал понекогаш од нашите древни празници правиме карикатура. Секоја генерација несвесно си остава свои обичаи и традиции, кои полека од идните генерации се прифаќаат како нормално културно наследство. Треба да бидеме внимателни. Она што сега како обичај го воспоставуваме, ќе биде наследено од нашите деца. Нашата сегашна милозвучност и хармонија, ќе биде чуена дури од оние кои сè уште не се родиле. Затоа и имаме сериозна одговорност по ова прашање.
-Како ја оценувате моменталната позиција на МПЦ-ОА во православниот свет? По повеќедеценискиот спор, СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ. Кога реално може да се очекува Томосот? И дали тој треба да пристигне од Константинопол?
Позицијата на МПЦ-ОА во православниот свет никогаш не била подобра. Сега ја имаме речиси истата положба што ја имала древната Охридска архиепископија, чии признати наследници сме токму ние. Долг и трнлив беше патот што како Црква и како македонски православен народ го изодивме. Но тоа им било јасно и на нашите славни претходници, на оние што ја втемелија и воспоставија нашата црковна автокефалност. Нам како христијани ни доликува љубовта, на ова евангелско дрво сме сите ние накалемени. Чекавме стрпливо и дочекавме. Спорот кој го имавме со сестринската СПЦ се надмина на најдоброможниот начин. Во овие неколку месеци, видовме и посведочивме „колку е добро и убаво браќата да живеат заедно“ – како што се вели во 133. псалм Давидов. Неизмерно сме му благодарни на неговата светост, патријархот српски г.г. Порфириј, на сите архиереи на Српската православна црква и на сиот српски православен народ, што смогнаа сили и со своите правилни постапки, со својата љубов и почит, засекогаш се врежаа во нашите срца, во колективната свест на македонскиот православен народ. Ова е добриот пример кој ги одзема и скратува крилата на секоја пизма и недоразбирање. Овој пат постепено го чекорат и останатите помесни православни цркви во православниот свет. Со Константинополската црква воспоставивме литургиско единство, но за жал над нашите глави сè уште виси како Дамоклов меч вековното недоразбирање, кое нема никаква врска со христијанството. Сè уште е проблем нашето македонско име и националниот идентитет на македонскиот народ. Изгледа, моментално до тука можеме да го прејдеме мостот. Ќе даде Бог духовни сили, па еден ден и ова недоразбирање ќе биде надминато, во тоа сум целосно сигурен. Најтешко се победува предрасудата којашто се претворила во утврдена вистина. Понекогаш треба да помине една генерација, па да се смени со друга, која е целосно ослободена и растоварена од товарот што го успорува секој духовен развој. Во очекување на тоа, искрено сме благодарни на неговата сесветост г. г. Вартоломеј и на архиереите на најславната Вселенска патријаршија, што братски нè примија во литургиско сослужување. Црквата си има сопствен ритам на живот и постоење, трпението секогаш на крајот дава добри резултати. МПЦ – ОА го доби томосот од СПЦ, таа веќе е призната од поголемиот дел на Помесните православни цркви. Треба да се навикнеме едни на други. Тоа, сега за сега, успешно го правиме. Битно е дека почнавме интензивно меѓусебно да сослужуваме, комуницираме и соработуваме. Како Македонска православна црква-Охридска архиепископија ни претстои макотрпна работа, од која ќе никнат и ќе се изродат најубавите дрвја, со највкусните плодови.
-БПЦ ја призна МПЦ но, немајчински. Како ја коментирате официјалната политика на Софија кон Македонија? Очекувавте ли ваков став од БПЦ, која Синодот на МПЦ ја препозна и призна како мајка црква?
Сè до потпишувањето на договорот за добрососедство, македонскиот и бугарскиот народ развиваа извонредни односи. Актуелниот случај со Бугарија е школски пример за тоа колку политиката може нештата да ги расипе. Видовме колку е силна нејзината деструктивност, доколку е приграбена од суетни, неспособни и глуви луѓе. Она што народот со децении го градеше, за миг го срушија Бојковци, Зорановци и Бујари. Бугарите отсекогаш биле лицемерни кон Македонија и Македонците. Македонија е нивната слабост, ние сме нерамнината на патот на која со векови се сопнуваат. Умниот човек, со добар и цврст материјал ги пополнува и израмнува вдлабнатините, а безумниот и неодговорниот, без никаква грижа и совест, дозволува малата дупка да се рашири во клисура со остри и зашилени карпи, на која е невозможно да биде изграден некаков мост. Оние што стојат од двете страни на карпата не можат ниту да се чујат, ниту да се препознаат. Единствено што е видливо се нивните нејасни образи и замаглени силуети. Така накратко гледам на овој бесмислен спор со Бугарија. А што се однесува до црковното прашање, односно до епизодата што ја имавме со БПЦ, можам да кажам дека во тоа време имавме силни гаранции дека од нив ќе биде поддржана нашата автокефалија. Во желбата конечно да се реши нашето отворено црковно прашање, мнозина од браќата архијереи, членови на Светиот синод, со доза на резерва дадоа поддршка да почнат преговорите и процесот за наше меѓусебно сослужување. Јас, конкретно, принципиелно бев против, и тоа отворено го кажував, но не сакав да бидам обвинет за кочење и минирање на оваа „можност“, која наводно ни нудеше какво такво решение. Времето покажа дека моите сомнежи биле оправдани. Но како и да е, овие случувања некако повторно го актуализираа македонското црковно прашање во православниот свет. СПЦ, предводена од патријархот г.г. Порфириј, на најхристијански начин му покажа на сиот свет дека правата братска љубов не крие во себе никакви условувања и задни намери. Со БПЦ имавме добри и коректни односи, честопати наши владици беа нивни гости, и обратно. Митрополитот г. Тимотеј им подари од моштите на Свети Климент, со што покажавме дека спрема нив сме искрени и отворени. Деновиве, и од Бугарската православна црква добивме признавање на нашата автокефалност, за што сум им целосно благодарен.
-Бугарија се обидува да го негира македонскиот јазик, не го признава македонскиот национален идентитет, се обидува да ги присвои св. Кирил и Методиј, св. Климент Охридски, св. Наум, Цар Самуил, Гоце Делчев… а на последниот состанок на историската комисија, за бугарските историчари спорна стана и МПЦ. Кој е Вашиот коментар? Може ли да се стави крај на бугарските апетити?
Искрено, во однос на овие прашања, во догледно време, не гледам дека ќе има некакви позитивни поместувања од страна на бугарската држава. Тие настапуваат надмено и од аспект на сила. Нивните побарувања кон нас се нереални, безобзирни и крајно насилни. И не се тие главниот проблем, од нив што друго можеме да очекуваме?! Проблемот се нашите властодршци, кои немаат никаков сенс за духовното здравје на македонскиот народ. Во својата сервилност и нетактичност се однесуваат како да се противници на овој народ, а не негови бранители и службеници. Од овој народ земаат плата и добиваат позиции и привилегии, а штитат туѓи интереси. Истото го направија и со промената на името. Откако го понижија и згазија македонскиот народ, откако го фрлија во колективна депресија и апатија, откако ни нанесоа долговековен срам, и откако не добија ништо од тоа што им беше ветувано, ни малку не се вразумија. Напротив, и понатаму продолжуваат да тонат од бесмислица во бесмислица. Светите Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум, Гоце Делчев се нашите народни столбови врз кои е изградено македонското национално здание. Ако еден од овие столбови биде нагризан, или не дај Боже срушен, ќе гледаме пред нашите очи невидена катастрофа со фатални последици. Тоа не смееме како народ, како општество и како држава да си го дозволиме. Бугарите насетија слабост, насетија рана што крвави, па со сета жестокост се нафрлија да го растргнат кревкото и слабо тело на Македонецот. Но токму трпеливоста, истрајноста и надежта во Божјата правда и сила, се мелемот на оваа рана, поточно тие се хируршкиот конец кој спојува и кој води кон успешно заздравување. Еден нивни поранешен министер за вера во нивната влада и поранешен декан на Богословскиот факултет во Софија, во една статија, во едно богословско списание, покрај другото отворено кажа дека Охридската архиепископија никогаш не била со бугарски карактер. Тоа е ноторна историска вистина. И меѓу нив има разумни луѓе, само треба да се створат услови нивните ставови да почнат да доминираат. Само така ќе се приближиме и конечно ќе се разбереме. Вака се давиме во калта и неминовно пропаѓаме. Никој ќе нема корист од тоа ако целосно се понижи македонскиот народ. Проблемите така не се решаваат, впрочем за некои прашања е можеби подобро и да нема решение. Црното и белото едноставно не можат да се израмнат.
-Името на државата се смени, но МПЦ-ОА иако имаше најави сепак си го задржа името. Имате ли некакви притисоци поради тоа?
Директни притисоци никогаш немало, но индиректно и меѓу редови притисоци имало и постојано ќе има. Овие перфидни методи не се користат само против МПЦ-ОА, туку и кон сето она што е македонско. Некои од нив се наивни и леснопрепознатливи, а некои се скриени и доброосмислени. И двата метода се многу опасни, зашто резултат на нивното остварување е конечен крај и бришење од историската карта на македонскиот народ, јазик и култура. По првичниот шок што ни го приреди договорот од Преспа, тешко се справувавме со лицемерните предлози, но како оди времето, така сè повеќе расте свеста дека некој се обидува за век и веков да нè насамари. Ние како генерација потфрливме, згазивме врз чесните гробови на нашите славни предци, кои во минатото крвавеле и се жртвувале за нашата слобода. Сè повеќе станува јасно дека некои идни Македонци ќе треба да го изметат и да го соберат сиот смет што ние како генерација им го оставаме во наследство. Тоа во иднина и ќе се случи. Сме биле и во потешка ситуација и во покрваво ропство, но со Божја помош сите тешкотии сме ги надминале. Ако за момент се осврнеме малку наназад во нашата историја, навистина е право чудо како сме успеале. Но, ако е Бог со нас, кој ли ќе е против нас?
-Каков е статусот на ПОА во моментов, има ли формула за решавање на спорот со МПЦ-ОА? Како ќе се третира статусот на Јован Вранишковски, односно архиепископ Јован, оти реално, во моментов има два архиепископа?
Со ПОА во моментов немаме никаков спор. Нашите архијереи, членови на работниот состав на Светиот синод, на своето последно заседание одлучија статусот на ПОА и на г. Јован Вранишковски да биде конечно решен од комисии на СПЦ и МПЦ-ОА. Понатаму не би навлегувал во ова прашање, бидејќи навистина немам доволно релевантни информации за да се произнесувам околу нив. Имам целосна доверба во нашите архијереи, дека ова прашање ќе биде соодветно, на канонски и целисходен начин, успешно решено.
-Во јавноста се дигна голема прашина околу одлуката на Скопската епархија за време на големи празници да не се одржуваат опела. Како сте организирани во вашата епархија?
Во нашата епархија, пред неколку години, се договоривме со погребните оператори на првиот ден Божик и на првиот ден Велигден да не бидат извршувани погребенија и опела. Му благодарам на Бога што имавме целосна поддршка и разбирање од нашите верници за нашите ставови и објаснувања по ова прашање. Древна еклисиолошка и литургиска практика е за време на големите господови празници, како што впрочем се Велигден и Божик, да не бидат посетувани гробиштата, бидејќи на тие денови им доликува радоста и активното учество во црковните богослуженија. Се разбира, тогаш се собираат и семејствата на свечени семејни ручеци, се пеат радосни песни, се посетуваат роднините, се искажува меѓусебната љубов и почит. Во ова динамично време, овие денови се извонредна можност за спојување на разделеното, за видување на братот со сестрата, на родителите со децата. Добро и корисно е да воспоставиме ред на нештата, да створиме добри навики, кои, ако ништо друго, ќе ги имаме како културолошка придобивка за во иднина.
#Преземено од страна на Вечер
vecer.press
ВАЖНО!!! Почитувани читатели на МКДПресс, ограничени сме поради нашите позиции! Пристапете директно на страницата www.mkdpress.eu . Споделете на вашите профили, со пријателите, во групи и на страници. На овој начин ќе ги надминеме ограничувањата, а луѓето ќе можат да стигнат до алтернативното гледиште на настаните!?
Можеби ќе ти се допаѓа