Американскиот претседател Џо Бајден реагираше на анексијата на четири украински региони што ја најави рускиот претседател Владимир Путин.

Тој рече дека САД ја признаваат Украина во нејзините претходни, меѓународно признати граници и го обвини диктаторот на Кремљ за кршење на меѓународното право.

Бајден изјави и дека Америка ќе и помогне на Украина да ги врати териториите окупирани од Русија.

Американскиот претседател, исто така, додаде дека Русија го крши меѓународното право, ја прекршува Повелбата на ОН и го покажува својот презир кон мирољубивите нации ширум светот.

„САД го осудуваат денешниот лажен обид на Русија за анексија на суверена украинска територија. Русија го крши меѓународното право, ја прекршува Повелбата на ОН и го демонстрира својот презир кон мирољубивите нации ширум светот. Не правете грешка, овие акции не се легитимни.

САД секогаш ќе ги почитуваат меѓународно признатите граници на Украина.

Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на Украина да ја врати контролата врз нејзината територија со зајакнување на нејзината воена и дипломатска положба, вклучително и со обезбедување дополнителна безбедносна помош од 1,1 милијарди долари“, се вели во соопштението на американскиот претседател.

Во исто време, Бајден најави нови санкции против Русија и нејзините функционери. Тие стапуваат на сила од денеска, 30 септември.

„Како одговор на лажните тврдења на Русија за анексија, САД, заедно со нашите сојузници и партнери, денеска објавија нови санкции.

Овие санкции ќе резултираат со трошоци за поединци и субјекти – во Русија и во странство – кои обезбедуваат политичка или економска поддршка на незаконските обиди за промена на статусот на територијата на Украина“, рече американскиот претседател.

Тој, исто така, ги увери Кремљ и самиот Путин дека цивилизираниот свет, а особено САД, ќе сторат се што е можно за да го направат агресорот одговорен за она што го направил.

„Ќе ја мобилизираме меѓународната заедница да ги осуди овие дејствија и да бара одговорност од Русија.

Ќе продолжиме да и даваме на Украина опрема што и е потребна за да се одбрани, и покрај дрските обиди на Русија да ги прекрои границите на својот сосед. Со нетрпение очекувам да го потпишам предлог-законот во Конгресот кој ќе обезбеди дополнителни 12 милијарди долари за поддршка на Украина“, рече Бајден.

Не изостанаа ниту останатите западни лидери.

„Ги повикувам сите членови на меѓународната заедница да ги отфрлат нелегалните обиди на Русија за анексија и да го поддржуваат народот на Украина онолку долго колку што е потребно“, се обрати тој до светската заедница.

„Незаконската анексија што ја најави Путин нема да промени ништо. Сите територии незаконски окупирани од руските напаѓачи се украинска земја и секогаш ќе бидат дел од оваа суверена нација“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

„Не може да му се дозволи на Путин да ги менува меѓународните граници преку брутална сила. Ќе се погрижиме тој да ја загуби оваа нелегална војна“, рече британската премиерка Лиз Трус во изјавата, цитирана од Ројтерс.

„Путин уште еднаш дејствуваше во спротивност со меѓународното право со јасно непочитување на животите на украинскиот народ, за кого тврди дека го застапува“, се додава во текстот. „Обединетото Кралство нема да ја игнорира суверената волја на овој народ и никогаш нема да прифатиме дека регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје се нешто друго освен украинска територија“, се додава во соопштението на Трус.

„Холандија никогаш нема да ја признае оваа анексија, како што ние не ја признаваме анексијата на Крим“, изјави холандскиот премиер Марк Руте.

Џорџија Мелони, која се очекува да биде идниот премиер на Италија, изјави дека руската анексија на четири украински региони нема никаква правна или политичка вредност и покажува дека Владимир Путин ја загрозува европската безбедност, пренесе Франс прес.

„Прогласувањето за припојување кон Руската Федерација на четири украински региони по навидум референдум направен под брутална воена окупација нема никаква правна или политичка вредност“, рече Мелони во соопштението.

„Владимир Путин уште еднаш ја покажа својата неоимперијалистичка визија од советска природа, која ја загрозува безбедноста на целиот европски континент“, додава лидерот на италијанската партија „Италијански браќа“.

„Ова ново кршење од Русија на правилата за соживот меѓу народите ја потврдува потребата за западните демократии да бидат обединети и цврсто поврзани“, заклучи Мелони.