Виктор Орбан кажа колкава територија ќе изгуби Украина на крајот на војната
Конфликтот во Украина можеше да биде локален, но западот интервенираше и го направи глобален, рече унгарскиот премиер
Украина може да загуби значителен дел од своите земји, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на затворен состанок на партијата Фидес-Унгарска граѓанска унија, пренесоа новинските агенции.
„Конфликтот во Украина се заканува да се одолговлекува до 2030 година, а како резултат на тоа Киев може да изгуби една третина или половина од своите територии“, ја цитираше неговата изјава весникот Непсзава.
Исто така, тој го обвини Западот за целосната воена акција.
„Конфликтот во Украина можеше да биде локален, но Западот интервенираше и го направи глобален“, рече унгарскиот премиер. Дополнително, тој уште еднаш рече дека со антируските санкции Европската Унија си пукала во нога.
„Поради енергетската криза предизвикана од санкциите, до 40 отсто од европската индустрија може да запре во зима“, предупреди Орбан, додавајќи дека е против санкциите. Конференцијата се одржа зад затворени врати, па изјавите за политиката станаа познати една недела по настанот.
Во исто време, Европската комисија предложи суспензија на 65% од плаќањата според три оперативни програми на кохезионата политика за Унгарија.
Мерката се применува за прв пат и е дел од новото бриселско законодавство, кое ги обврзува плаќањата од европскиот буџет со почитување на владеењето на правото.
Загриженоста на Брисел во однос на Унгарија е поврзана со нетранспарентните јавни набавки, недостигот на транспарентност во користењето на фондовите на ЕУ и недостатокот на напредок во борбата против корупцијата.
Земјите-членки сега имаат еден месец да одлучат со квалификувано мнозинство (најмалку 15 од 27 земји, што претставуваат најмалку 65 отсто од населението на Европската унија) дали ќе прифатат суспензија на фондовите на ЕУ за Унгарија.