Гошев: Вистинските победници во Македонија од 1991 до денес се алчноста, некомпетентноста, корупцијата
Факт е дека три децении „живуркаме“ како самостојна и независна држава. Но, факт е и дека сме помалку независни во споредба со многу други држави зашто постојано сме зависни од „кислородна“ поддршка од „надворешниот фактор“: политичка, финансиска и најлошото (и пречесто) посредување и/или директно водење на нашиот внатрешен политички процес од „факторот“,“ пишува во колумна за БИРН поранешниот политичар и гувернер на Народната банка, Петар Гошев.
„Факт е дека во текот на ова тридецениско историско патување кон консолидирана држава има(в)ме многу надворешни пречки. Пречки што предизвикаa голема штета. Но, недвојбено, далеку е поголема штетата што самите си ја нанесовме – од нашите неодговорни, слабо компетентни и многу корумпирани политички водства и од слабиот одговор (отпор) кон таквите водства, несвојствен за нормална (зрела) политичка заедница“, пишува Гошев.
Тој вели дека денес излегува дека надежите им се остварени само на мал процент жители на државата, додека кај огромното мнозинство е „нагласена носталгичноста кон минатото, од кое, пак, во тогашните околности (кризата и распаѓањето на Југославија) многу сакаше да побегне“.
„Вистинските победници во Македонија од 1991 до денес се алчноста, некомпетентноста, корупцијата. Перјаниците на овие категории крстосуваат со кренати глави низ државата, ја играат некогашната улога на јаничарите и друмските јанкесеџии – компетентните и доблесните ја напуштаат. Од 1990 до денес, повеќе од половина милион луѓе ја напуштија државата, бегајќи од бесперспективноста и отсуството фер односи во општеството. Контингентот работоспособни луѓе испарува на дневна основа, „сивата материја“ поцрнува“, пишува Гошев.