ИСТОРИЧАРИТЕ ВО СОФИЈА ТРИУМФАЛНО: Прва победа за бугарската наука во 2-годишната битка, на ред се јазикот, Миладиновци, Гоце Делчев…
Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во историските спорови со Македонија стигна до прва победа, соопшти бугарскиот Национален круг „За Македонија“, платформа во која членуваат бугарски професори – историчари и лингвисти.
Оценката уследи откако министерствата за надворешни работи на Македонија и на Бугарија вчера ги објавија усогласените препораки на заедничката Комисија за историски и образовни прашања за заедничко чествување на пет личности и пет препораки за учебниците по историја.
Овие препораки триумфалистички се поздравени од Националниот круг „За Македонија“, со изјава која ја пренесоа бугарски медиуми.
– Победа за бугарската историска наука! Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во однос на историските спорови со С. Македонија стигна до првата победа! Колегите во Скопје официјално го признаа очигледното, што и тие го знаеја всушност многу добро. Цар Самуил е бугарски цар, учениците на Кирил и Методиј на покана на кнезот-покрстител Борис-Михаил го шират нивниот збор низ Бугарското царство, Преслав и Охрид се бугарски книжевни центри. Сето тоа треба да биде запишано во учебниците на децата во РСМ, се вели во изјавата на „Националниот круг за Македонија“.
Неколку членови на оваа платформа – бугарски историчари и лингвисти, во јуни годинава го посетија Европпарламентот за таму да ја претстават и заштитат бугарската позиција во тековните преговори со Македонија. Замислени како група за „брза реакција“, како што наведоа, целта им била и на европратениците да им објаснат дека „почеток на преговори на РСМ со ЕУ е можен само откако таа земја ќе ги исполни условите што ги бара Бугарија, односно да се разјасни вистината за историските прашања што ги оспорувала РСМ, бидејќи историските документи говореле целосно во полза на бугарската кауза”.