ЕСКАЛАЦИЈА НА КОНФЛИКТОТ? БиБиСи: Ако Украина навистина нападне руски аеродром на Крим, Путин би можел да возврати со невидена жестокост
Доколку се покаже дека Украина е одговорна за нападот на рускиот воен аеродром на Крим, тоа би било значајна ескалација на конфликтот, јави дописникот на Би-Би-Си од Моксва, Вил Вернон. Тоа ќе биде прв голем напад врз цел во самиот Крим, додаде тој.
Русија денеска потврди дека едно лице загинало, а пет се повредени, меѓу кои и едно дете, во експлозиите во складиштето за муниција на аеродромот Саки кај Новофедоровка.
Москва ги отфрла тврдењата дека експлозиите биле резултат на артилериски напад на аеродромот , меѓутоа, неименуван украински воен функционер, кој сакаше да остане анонимен, изјави за Њујорк Тајмс дека вооружените сили на земјата го започнале нападот.
„Ова беше воздухопловната база од која [руските] авиони редовно полетуваа за напади врз нашите сили во јужниот театар“, рече официјалниот претставник, додавајќи дека „се користел уред исклучиво од украинско производство“ за да се изврши нападот.
Нападнатите Новофедоровка и Саки се на околу 50 километри од пристаништето во Севастопол, седиштето на руската Црноморска флота, која ја предводеше блокадата на украинскиот брег.
„Тоа би бил првиот голем напад врз цел во самиот Крим“, рече Вернон.
Украинците, исто така, се приближија до Крим во јуни 2022 година, кога проруските власти на Крим тврдеа дека украинските сили пукале врз платформите за нафта на Црното Море во водите на Крим, што резултирало со неколку жртви. Кон крајот на јули, руските власти соопштија дека беспилотно летало удрило во објект на руската морнарица во градот Севастопол, при што биле повредени шест лица.
Крим е меѓународно признат како украинска територија, но Русија владее со полуостровот осум години и руските државни структури и воени објекти се многу добро воспоставени, според британската служба, објаснувајќи дека за Кремљ, Крим има квази-свет статус, се смета за „историски“ руска земја.која Москва „повторно триумфално ја освои“ во 2014 година.