И Лилјана Поповска од ДОМ која гласаше за промена на име го повика народот утре да излезе на протест и да се спротивстави на бугаризацијата на СДСМ и ДУИ

259
🇲🇰Мојот јавен настап на ТВ АЛФА кај Горан Момировски во овие критични моменти на можни нови одлуки со далекусежни последици, беше со цел да се проговори за потребата од прекин на жестоките непријателства и здружување помеѓу Македонците и сите македонски граѓани. Потребата за отвореност и искреност, заради сите нас и заради Македонија. Да не ги повторуваме грешките од минатото и да не си нанесуваме зло, свесно или несвесно. Да земеме пример од Германија и Австрија, кои надминале длабоки историски трауми и изградиле силни и просперитетни нации токму преку децениско практикување на коалициски влади со двете најспротиставени партии во нив.
🇲🇰Свесно се изложив да говорам и за мојот став за Преспанскиот договор, кој излезе толку лош, меѓу другото и поради нетранспарентен процес на преговарање, нашата разединетост и послушноста за јавно несподелување “за да не се нарушел процесот”. Да не го повториме тоа сега со бугарско-францускиот предлог! Да не втрчуваме еуфорично во нови замки од кои не ќе можеме да се отплеткаме! Умни и чесни луѓе има во сите партии и надвор од нив, и нема некои големи и ненадминливи разлики во нивните анализи. Заедно да се реши како ќе се развива Македонија како нормална држава и како ќе се поправат и надминат грешките и неправдите од минатото.
🇲🇰Очекувано, најмногу внимание од мојот настап се насочи кон моето гласање за уставните измени кои ни донесоа многу лични и групни трауми. Тоа беше време кога Македонија беше уценета за нејзиниот опстанок, време кога се кроеја нови карти на Балканот, кога Србија и Косово преговараа за размена на територии и население, кога излегуваа разни карти од радикални кругови во земјава, регионот и надворешни центри. А Македонија се гушеше во чекалната за ЕУ, притисната од грчкото вето, со масовен егзодус на писмени и стручни луѓе, без надеж за иднина.
Верувам дека одлуките на најголем дел од пратениците и граѓаните кои го поддржаа беа мотивирани од надежта дека “ќе се реши деценискиот проблем”, ќе се влезе во ЕУ со сите европски вредности во кои огромно мнозинство верувавме, ќе останат семејствата заедно, ќе има иднина Македонија. Добар дел од Договорот и не беше разбирлив, дел пак воопшто не требаше да се примени веднаш и на начин како што се направи. Веројатно имало и други мотиви, но секоја планина, својата тежина.
🇲🇰🍀Јас тешко ја носам мојата одлука и тоа го знаат сите колеги, новинари, мои блиски, а сега и цела јавност. Нека не му се повтори никому! Иако, за воља на вистината, мојот глас не значеше ништо за одлуката, имаше мнозинство од 80 и не можев да ја спречам. Со мојот 81 глас и свесен ризик за осуда од сите што не се согласуваа и лична болка, овозможив носење на Законот за минерални суровини, кој беше ставен како точка непосредно пред гласањето за Уставот. Со него Македонија се спаси од еколошки катастрофи од 12 опасни рудници предвидени од Валандово до Куманово. Со него се забрани употреба на цијаниди и сулфурна киселина во рудници со отворен коп. Кој разбира, ќе разбере што тоа значи, зашто најголемите светски еко-катастрофи се токму поради нив. А нашата Македонија нема вишок простор за тампон зони, па вакви хаварии би збришале цели региони. Како инженер, екологист и долгогодишен дел од движењето против опасни рудници оваа материја ми е добро позната.
🇲🇰И не треба никој да ме потсетува на учењето на татко ми, тоа е вградено во мене и е главна причина што влегов во политиката. Подоцна се препознав во зелената опција која ми е политичката боја. Во своето дејствување секогаш сум се водела од интересот на Македонија, Македонците и македонските граѓани, вложувајќи се во градење поголема социјална кохезија, која е неопходна за опстој на државата. Некогаш преку борба за правата на жените, лицата со посебни потреби, лица во социјален и друг ризик, некогаш преку еколошки борби за заштита на здравјето и животната средина, зелена економија како спас од загадувачки индустрии🍀
Поздрав од мене, како екологистка и поранешна политичарка, со своја воља и при здрав ум повлечена од политиката трајно✅