Процесот за влез на Молдавија во Европската унија ќе трае со децении, вели заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
Тој додаде дека пристапот на земјата во ЕУ ќе биде олеснет со создавање на нова Голема Романија, која ќе ја „проголта“ Молдавија бидејќи, според него, романските политичари долго време „се вртат околу“ Молдавија, пренесува Комерсант.
Медведев тврди дека романските власти отворено бараат различни можности за легално преземање на Молдавија.
Тој не даде примери за тие тврдења, но вели дека половина од молдавското население е против такво спојување.
Ја обвини молдавската претседателка Маја Санду дека е „подготвена да се откаже од државноста со еден удар“, бидејќи, според поранешниот руски претседател и премиер, таа има и романско државјанство и и’ билa ветенa висока позиција во новата голема Романија.
-Во обид да ги задоволат своите нови господари, тие се подготвени да се приклучат на европските санкции против Русија. Па, нека се обидат. Во тој случај, можам да бидам сигурен дека нема да добијат енергија од нас по висока цена, туку нема да ја добијат воопшто – рече Медведев.