Пресврт што го крие ЕУ: Објавено е колку Русија заработила од нафта и гас во првите 100 дена од војната
Во првите 100 дена од војната во Украина, Русија заработила 93 милијарди евра од извозот на фосилни горива.
Најмногу фосилни горива биле испратени во Европската унија, а просечната извозна цена била за околу 60 отсто повисока од минатата година, покажа новото истражување.
Имено, според извештајот на Независниот центар за истражување на енергија и чистота на воздухот (CREA) во Финска, дури 61 отсто од извозот на руски фосилни горива отишол во Европската унија за околу 57 милијарди евра.
Најголеми поединечни земји кои увезуваат руски фосилни горива се Кина (12,6 милијарди евра), Германија (12,1 милијарди евра) и Италија (7,8 милијарди евра), според извештајот објавен од АФП, а пренесен од Индекс.
Најголем дел од приходите на Русија од фосилните горива се поврзани со сурова нафта (46 милијарди евра), а потоа следи гасот што Русија го извезува преку гасоводи, нафтени деривати, природен гас (ЛНГ) и јаглен.
„Франција стана најголем купувач на гас во светот“
Иако рускиот извоз на фосилни горива падна во мај, бидејќи многу земји и компании го намалија увозот на руска енергија поради нападот врз Украина, глобалниот раст на цените на фосилните горива продолжи да го полни рускиот буџет, при што приходите од руските фосилни горива достигнаа рекордно ниво.