УНГАРИЈА ЈА БРАНИ ЕВРОПСКАТА УНИЈА! Сијарто му порача на Брисел – „Нема да дозволиме ембарго на руската нафта“
УНГАРСКАТА влада нема да дозволи ембарго на испораките на руска нафта во формата што неодамна ја предложи Европската комисија, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Коментирајќи ја подготовката на шестиот пакет санкции против Русија, тој изјави дека стапувањето во сила на овој предлог „ќе го поткопа снабдувањето со енергија на Унгарија, а преку него и целата унгарска економија“, пренесува ТАСС.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно денеска изјави дека забраната за испорака на руска нафта ќе ја погоди економијата на земјата како атомска бомба и дека тоа е „црвена линија“ за Будимпешта.
Унгарската влада во неколку наврати објаснуваше дека единствената голема рафинерија за нафта во земјата е технолошки уредена на таков начин што најмалку 65 отсто од суровата нафта доаѓа од Русија.
Од друга страна, извршниот директор на MOL, Золт Хернади, забележува дека ќе бидат потребни две до четири години и неколку стотици милиони долари за да се преструктуира производниот процес и да се префрли на други суровини, додавајќи дека компанијата неодамна била принудена да развие такво сценарио.