„Промената на имињата на улиците, училиштата и другите објекти во Тетово, кои се уште носат имиња на Македонци и други личности, за кои доминантното албанско население нема поим кои се тие, треба да биде мисија на градоначалникот Билал Касами!“ – нагласува Арта Точи, доктор по лингвистика и професор на Факултетот за јазици, култури и комуникации на Штуловиот универзитет во Тетово, како и поранешен заменик-министер за надворешни работи, во објавата на својот фејсбук-профил, која ја пренесуваат весникот „Лајм“ и други медиуми на албански јазик.

Арта Точи пишува: „Мултиетничкото општество мора да размислува за неговата мултикултуралност. По овој принцип, градоначалник на еден град како Тетово треба да има предвид дека е обврска менувањето на имињата на улици, училишта, културни институции и тн.“

„Необјаснива е ситуацијата со именувањата во градот Тетово, во кој околу 80-процентното албанско население не се поистоветува со ниту едно од училиштата и улиците. Гимназија ‘Кирил Пејчиновиќ’, медицинско училиште ‘Никола Штејн’, текстилно училиште ‘Ѓоце Стојчевски’, земјоделско училиште ‘Моша Пијаде’, средно музичко училиште ‘Тодор Скаловски’, основни училишта: ‘Кирил и Методиј’, ‘Братство’, ‘Кикиш’, ‘Гоце Делчев’; улиците ‘ЈНА’, ‘Борис Кидрич’, ‘Дрнц’, ‘Јане Сандански’ и др.; домот на културата ‘Иљо Антевски- Смок’, градската библиотека ‘Кочо Рацин’ и многу други институции. Тоа 80-процентно население шета, учи, чита, посетува културни настани во Тетово, а нема поим кои се тие.“

„Промената на нивните имиња треба да биде мисија за градоначалникот!“ – пишува Арта Точи на фејсбук.

Инаку, Арта Точи со нејзиниот избор како заменик-шеф на македонската дипломатија во 2017 година предизвика остри реакции во јавноста. ВМРО ДПМНЕ се огласи со обвинување дека е „скандалозен и ризичен изборот на државни функционери, кои ги оспоруваат актуелните граници и мечтаат по големи држави“, откако Зоран Заев во средината на јуни во 2017 година предложи Арта Точи да биде избрана како заменик-министер за внатрешни работи. ВМРО ДПМНЕ тогаш нагласи: „Арта Точи е автор на трудот ‘Границите како мит’, во кој пишува околу конференцијата во Лондон, одржана 1913 година кога е донесена одлука за формирање на албанското кралство. Според неа, делови од Албанија не биле вградени во нејзините административни граници“.

На бранот на реакциите кон ставот на Точи дека „дека западниот дел од Македонија е дел од Албанија, кој што бил неправедно бил отцепен од Албанија во 1913 година“ тогаш се приклучи и професорот Александар Даштевски, кој на својот фејсбук-профил предложувањето на Точи го нарече „решение опасно пред се за унитарноста и независноста на македонската држава, што се граничи со лудост“, дополнувајќи: „Македонија ќе добие заменик-министер за надворешни работи, која не признава половина од нејзината територија. Таа смета дека западна Македонија со Охрид, Кичево, Струга, Дебар, Маврово-Ростуше, Гостивар и Тетово и припаѓаат на соседна Албанија. Со предлогот за Арта Точи Заев инсталира жестоки националисти во власта.“