Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека преговорите меѓу Русија и Украина се водат секојдневно преку видеоврска и дека делегациите разговараат за нацрт можен договор кој треба да ја одреди трајната неутралност на Киев и да ја гарантира неговата безбедност .
Лавров за агенцијата Ксинхуа изјави дека, дополнително, на дневен ред е и прашањето за укинување на санкциите , пренесува РИА Новости.
Рускиот министер посочи дека документот треба да ги определи елементите на ситуацијата по конфликтот, како што се постојаната неутралност, ненуклеарниот, неврзаниот и демилитаризираниот статус на Украина, како и гаранциите за нејзината безбедност.
– На дневен ред на преговорите се и прашањата за денацификација, признавање на новите геополитички реалности, укинување на санкциите, статусот на рускиот јазик и друго – изјави Лавров.
Според него, решавањето на ситуацијата во Украина ќе даде значаен придонес за деескалација на воено-политичките тензии во Европа, но и во светот во целина.
Русија помага да се ослободи светот од западното угнетување
Специјалната операција на Русија во Украина придонесува за процесот на ослободување на светот од неоколонијалното угнетување на Западот, оцени Лавров. Тој рече дека „западњаците се обидуваат да извршат притисок“ врз оние кои водат независен курс во внатрешната и надворешната политика „со“ најбрутални методи“.